Фудбалската репрезентација на Иран за прв пат во својата историја ќе има капитен христијанин. Иранецот со ерменско потекло Андраник Тејмуриан е православен христијанин, кој во моментов игра во иранскиот клуб Трактор Сази.
Во 95-годишната историја на иранската репрезентација, никогаш немало капитен христијанин. Тејмуриан (32) потекнува од Техеран и сега повторно е викнат во репрезентацијата, по настапите на Мундијалите во 2006 и 2014 година.
Играчот од средниот ред ја започнал кариерата во 2005. година, во прволигашот Абумуслем. На крајот од 2006. година, откако добил работна дозвола во Англија, играше за Болтон Вондерерс каде даде два гола на неговиот трет натпревар. Во 2008. година потпиша со Фулам, а во 2010. се врати во Иран.
Во меѓувреме, иранскиот министер за спорт, Абдулхамид Ахмади соопшти дека иранската власт и натаму им забранува на жените да посетуваат натпревари на кои играат мажи. Таа одлука е донесена по револуцијата во Иран во 1979 година и трае до денес. Во минатото, исклучок се правеше со жените од странство, на кои им беше дозволено да ги гледаат натпреварите на нивните репрезентации во Иран.