Ова е сторија за тоа како една средба може да ја измени не само твојата судбина, туку и судбината на твоите деца па дури и внуци.
Кога зборуваме за династии во италијанското калчо, први на ум ни паѓаат Мацола, Кјеза и Малдини. Но има една династија која трае подолго од сите нив. Не се фудбалери ама имаат и тоа како удел во сите титули и победи на Интер од 1945-та до ден денес. Во буквална смисла голем удел.
Станува збор за династијата физиотерапевти и масери Делакаса.
Началникот на оваа династија Бартоломео Делакаса сменил многу работни места. Бил крупие во казино, работел како доктор на аматерски бокс мечеви и што уште не, се додека во 1945-та година во санаториум во градот Стреза каде работел како масер не го сретнал тогашниот претседател на Интер - Карло Масерони.
Така започнала црно-сината династија физиотерапевти Делакаса.
Бартоломео бил среќен што работел раме до раме со легендарниот Еленио Ерера кој се прославил не само со својот тактички гениј туку и со строгиот нарав.
Бартоломео Делакаса периодично скришно им давал јадење на играчите кои биле на строг режим од тренерот. Пример, Џакинто Факети еднаш раскажал дека на подготовки во собата на Бартоломео никогаш не мирисали на лекарства и масти, туку на пршута и пецива.
Ерера дознал за ова и му рекол на масерот Бартоломео: „Сè знам, ама во целост ти верувам на тебе да знаеш“.
После во стручниот штаб влегол и син му на Бартоломео, младиот Џанкарло Делакаса за кого да се работи покрај Ерера било како младо дете да стои во прва линија на фронт во војна.
Покрај бројните успеси со Интер, Џанкарло Делакаса може да се пофали и со златен медал од Светско првенство 1982 со славната репрезентација на Италија. Меѓу аѕурите го викнал селекторот Енцо Беарцот кој во претходно бил тренер во Интер.
Пред финалето против моќната Западна Германија за која играл најдобриот светски играч Карл-Хајнц Румениге, задача на откритието на Мундијалот, 17-годишниот Бепе Бергоми била да го маркира токму Румениге кој 2 пати освојувал Златна Топка за најдобар играч.
Младиот Бергоми пред финалето влегол во собата кај Делакаса кој му рекол: „Овој Румениге треба да мисли на тебе, не ти на него“. Во финалето Карл-Хајнц не одиграл блескаво и го извадиле во 70' минута. После две години станал соиграч со Бергоми и Делакаса.
Во '90-те години дошло време за трето поколение Делакаса: двајца браќа, братучеди на Џанкарло, Масимо и Марко станале физиотерапевти на Интер.
Помладиот, Марко раскажал дека најстрашен ден во неговиот живот бил 12 април 2000 година.
„Таа вечер требаше да биде празник, сите го очекувавме враќањето на Феноменот на терен. Наместо тоа, ја обнови повредата во 6' минута од мечот. Кога заурла од болка цел „Олимпико“ се стиши. Сите чувствувавме голема вина за тоа“, вели Марко Делакаса.
Масимо Делакаса, пак, имал репутација на масер кој стално имал свој фаворит меѓу играчите. Пример се дружел со Марко Матераци за кој еднаш раскажал:
„Марко еднаш се трудеше да се врати во строј што е можно побрзо, посветено работеше на формата и дури и мене ме зема на одмор со него. Сите Божиќни празнични денови ги поминавме во вежбална. Од друга страна, тоа беше на Малдиви и не беше баш голема жртва од моја страна“, се насмеал Масимо Делакаса.
А во 2015-та година кога Масимо бил во болница поради проблеми со срцето, Фреди Гуарин кој постигна ефектен победнички гол во дербито на Милано со Милан, после мечот покажа маичка посветена на докторот:
„Тогаш за малку втор срцев напад ќе добиев“, раскажал масажерот Масимо од болнички кревет.
Марко Делакаса, пак се сеќава на една друга забавна анегдота, од летото 2009-та кога кај него во канцеларија дошол никој друг до Жозе Мурињо.
„Дојде кај нас во собата да праша колкави се шансите да се вратат Валтер и Иван (Самуел и Кордоба). Ние го уверивме дека ќе во најбрз можен рок ќе бидат спремни. Тогаш Мурињо од џеб го извади телефонот, тргна да се јавува кај Морати и кажа: „Гарантирате или треба да ѕвонам да барам да купат нов штопер“?
А стариот Џанкарло Делакаса (син на првиот во династијата масажери, Бартоломео) се вратил на епизода од своето време. Во 1970-та година кога Армандо Пики станал тренер на Јувентус, го побарал Џанкарло и го поканил да дојде со него.
„Со Армандо имавме многу добри, другарски односи и кога се пресели во Торино одма ме викна во стручниот штаб. Ама му се заблагодарив и одбив. Просто не можев да замислам што Бартоломео би помислил за својот син ако би станел јувентино“
Интер во моментов е на одличен пат да го освои скудетото во Италија, има огромна бодовна предност над градскиот ривал Милан и над омразениот Јувентус. Еден од позаслужните за добрата форма на нераѕурите е и Марко Делакаса, денес координатор на физиотерапевтите во клубот.