Foto: manchesterunited
Рубен Аморим е отпуштен од Манчестер само еден ден откако ремизираше против 16-то пласираниот Лидс, но и после критиките до раководството на клубот, кои само ја зголемија тензијата меѓу него и директорот Џејсон Вилкокс.
„Само сакам да кажам дека дојдов тука за да бидам менаџер, а не да бидам тренер“, рече тој.
„Во секој оддел, секој треба да си ја работи својата работа, како скаутинг тимот, спортскиот директор. Јас ќе ја работам мојата 18 месеци, а потоа продолжуваме понатаму. Тоа беше договорот. Тоа е мојата работа“, изјави вчера Аморим.
Португалецот, со оваа изјава очигледно само ја разбеснил управата на клубот, која 24 часа после критиките, го извести дека повеќе не е тренер на Манчестер Јунајтед.
Тој стана чувствителен и на криките од легендите на Манчестер Јунајтед.

Foto: ruben.amorim.officiel
„Ако луѓето не можат да се справат со Гери Невил и критиките за сè, треба да го смениме клубот“.
Кога го прашаа дали сè уште чувствува дека има доверба во хиерархијата на Јунајтед, Аморим одговори: „За почеток, забележав дека добивате селективни информации за сè.
„Знам дека моето име не е Тухел, Конте или Мурињо, но јас сум менаџер на Манчестер Јунајтед. И ќе биде вака 18 месеци или кога одборот ќе одлучи да се промени. Нема да се откажам. Ќе ја работам својата работа додека друг човек не дојде тука да ме замени.“
До неодамна, Аморим беше верен на својата тактика, со која му донесе успех на Спортинг, изградена околу тројца во одбраната. Велеше дека „дури ни папата“ не можел да го натера да отстапи, но неговиот пристап беше широко доведен во прашање во текот на неговото работење.
40 годишниот португалски стратег беше назначен на 1 ноември 2024 година со договор до јуни 2027 година и со опција за договор на уште една година.

Но од големо ветување, стана предводник на најнискиот пласман на Јунајтед во Премиер лигата: 15-то место со 42 бода минатата сезона и пораз во финалето на Лигата на Европа од Тотенхем.
Потрошувачката минатото лето од 165 милиони фунти, вклучувајќи ги и засилувањата како Бенџамин Шешко, Брајан Мбеумо и Матеус Куња, не успеаа да му донесат раст.
Јунајтед имаше тежок почеток оваа сезона и беше елиминиран во Карабао Купот и тоа од четвртолигашот Гримсби Таун. Но, ко-сопственикот на клубот, Сер Џим Ратклиф, го поддржа во октомври, велејќи дека тој треба да биде оценет по три години.
Релативниот пораст на резултатите ги искачи на шестото место на табелата, иако само четири бода над 14-тото место. По 20 кола во Премиер лигата, има само 8 победи.

Foto: ruben.amorim.officiel
Аморим го заврши 14 месечниот стаж на Олд Трафорд со скор од 25 победи, 15 нерешени и 23 порази во 63 натпревари. Тоа се само 1,43 бода по натпревар, кои го прават најнеуспешен тренер на Манчестер Јунајтед во 21 век.
Тен Хаг имаше 1,84, а Мојс 1,73 бода по натпревар.
Последниот тренер на Манчестер кој имал полош резултат од Аморим е Френк О'Фарел, отпуштен во 1972 година со 1,41 бодови.
Клубот е во потрага по својот 11-ти тренер, откако Сер Алекс Фергусон си замина во 2013 година по 26 и пол години на чело. Против Барнли во среда на клупа ќе седи Дарен Флечер.