Преку риалити шоу до шампионска титула во Авганистан

Непоразениот тим Туфан Харирод стана првиот фудбалски шампион на Авганистан во лигата која беше оформена пред само еден месец, а дел од играчите беа бирани преку риалити шоу на телевизија.

Фудбалот отсекогаш бил многу популарен спорт во Авганистан, но заради војните и советската, а потоа и американската инвазија, оваа земја никогаш немала национална лига.

Во минатото се одржувале само регионални првенства, а во септември светот го обиколи веста дека во Авганистан е оформена првото национално фудбалско првенство.

Во премиерното првенство се натпреваруваа осум екипи, односо регионални селекции, а дел од фудбалерите се бирани и преку ТВ екраните, односно преку риалити шоу.

Заради безбедносни причини, сите натпревари се одиграа на новиот стадион во Кабул кој има капацитет од 5.000 гледачи. За првиот натпревар пред стадионот се собрале 15.000 гледачи, но само третина од нив имале среќа да влезат на трибините.

Ниту еден од фудбалерите нема договор со клубовите, а тие добиваат само сместување и храна и месечен џапарлак од 10 долари.

Шампионот, екипата на Туфан Харирод од провинцијата Херат, која во финалето ја победи екипата на Симорг Алборз со 2:1, доби награда од 15.000 долари.

31 октомври 2012 - 11:28