Легендарниот фудбалер уште еднаш покажа колку му значи фудбалот во животот. Успесите кои ги постигна со англиската екипа Свиндон планира да ги продолжи и во иднина. Сметките за такво нешто му ги мати претседателот на клубот Вилијам Петоу кој рече дека нема повеќе да одвојува средства за фудбалерите кои се дојдени на позајмица.
Откако италијанскиот стратег ја слушна таа изјава рече дека ќе им подели пари на тројца позајмени играчи кои му се неопходни во составот. Се работи за Џон Босток од Тотенхем, Крис Мартин од Норвич и Дени Холанда од Чарлтон.
„Ќе им дадам пари од свој џеб за да останат. Ќе потрошам 20 или 30 илјади фунти за да ги задржам најмногу што можам, затоа што ми се потребни и сакам уште да победувам. Сигурен сум дека со нив имаме поголеми шанси за победи. Кога ќе умрам ќе имам помалку пари, но ќе имам повеќе победи како тренер. Потрошив многу пари на адвокати, зошто да не потрошам и за моите играчи" – изјави Ди Канио.
Оваа сезона Италијанецот донираше уметнички слики во спортската клиника „Вила Стуарт" која ја смета за најдобра во Европа. За возврат доби бесплатни третмани за играчите на Свиндон. Освен операциите кои ги подмирува клубот, сите останати услуги за неговите фудбалери се гратис.
Ди Канио остави голем белег во јавноста како контроверзен фудбалер. Во неговата долгогодишна кариера смени 11 клубови. За постапките на теренот многумина му аплаудираа, а некои и го осудуваа. Како страствен навивач на Лацио по големата победа против Рома на која постигна гол упати поздрав до навивачите на „Олимпико" кој беше оценет како нацистички.
Но уште повеќе ќе остане во сеќавање потегот со кој ја воодушеви фудбалската јавност во Англија. Како фудбалер на Вест Хем иако беше во можност да постигне гол, со раце ја собра топката и доби награда за фер плеј.
Потезите на славниот Италијанец како тренер на Свиндон, медиумите постојано ги следат. Последната негова одлука со која ја изненади јавноста беше бркањето на голманот Вес Фодерингам од игра за само 20 минути, поради тоа што примил два гола во првите 10 минути од средбата. На крајот Свиндон загуби од Престон со 4:1, а Ди Канио по средбата изјави дека тоа е најлошиот чувар на мрежата кој постои.
Паоло Ди Канио иако е тренер со неполно две годишно искуство, откако во мај 2011 година седна на кормилото на Свиндон, оствари фантастични резултати. Од четвртата, тимот го однесе во третата лига, а во моментов се наоѓа на петтата позиција со само пет бода заостанување зад лидерот на табелата.
Ди Канио има историска можност тимот да го одведе во уште по ранг поквалитетно натпреварување, но за тоа по се изгледа не добива поддршка од претседателот на клубот. За Ди Канио парите не се проблем, тој сака да ужива во задоволствата на животот кои пред се сака да ги остварува на спортски план. Негово мото гласи – имајте помалку пари, но поголема слава.