Ако во Шпанија, Барселона и Реал Мадрид се главните две екипи за кои е резервирана титулата, тогаш во Холандија тоа се Ајакс и ПСВ. 2009-та и 2010-та беа изненадување во холандскиот шампион бидејќи успеаа да го освојат Аз Алкмар и Твенте и сите останати титули ги поделија Ајакс и ПСВ, првиве освоија осум, а вториве десет.
Последната титула на Феенорд датира од сезоната 1998/1999 кога паралелно во Италија на пример на единственото Скудето во кариерата се радуваше Алберто Ѕакерони со Милан.
Тешкиот период меѓу 2006-та и 2009-та
Првите промени кои почнаа да им се случуваат во последнава декада им стартуваа со нов технички директор, а тоа е сегашниот тренер на Ајакс Петер Бос, кој се реши да игра на картата на искусни и докажани фудбалери од типот на Џовани ван Бронкорст и Рој Макаи.
Во тој период тимот беше сериозно заглавен во долгови и три години по ред немаше задоволувачки резултати. Завршуваше на 7-мо, 6-то и 7-мо место. Герт Јан Вербек си поднесе оставка, а Бос продолжи со обновата на тимот.
Кошмарниот пораз
Ако 4-та позиција беше поместување, Феенорд една сезона потоа падна на 10-то место, а тоа за нив беше најлошиот пласман по 1990-та и само четврти пат да завршат на толку ниска позиција откако и се приклучија на лигата во 1957 година.
На 24 октомври 2010-та не сака да се потсети ниту еден навивач на Феенорд. Зошто? Загубија 10:0 од ПСВ, резултат за кој нема утеха па макар играле со тројца играчи мање.
Прогрес од 2011-та и во касата и во резултатите
Од летото 2011-та клубот почна да се движи во добра насока. Си замина Марио Бин, а за нов тренер беше назначен Роналд Куман. Звучно име и поранешен играч на Ајакс, ПСВ и Феенорд, како и освојувач на една титула со ПСВ и две со Ајакс како тренер.
Составот беше комбинација на млади играчи од сопствената академија како на пример Де Врај кој сега е главен играч во одбраната на Лацио и неколку искусни фудбалери од тимот на Ел Ахмади, Кабал, Влар и Мулдер. Првиот чекор беше направен, а тоа е враќање на првите места на табелата, а потоа се најде чаре и околу финансиите, откако беше основана Vrienden van Feyenoord (VvF), група на инвеститори кои сакаа да му помогнат на клубот да оди напред.
Младите си заминаа
Следната година, беше година на надежи дека ќе биде подобро. Клубот беше стабилен бидејќи доби финансиска инекција, но беа продадени Де Врај, Бруно Мартинс Инди и уште некои талентирани играчи. Куман си замина по три сезони и го презеде Саутемптон, а негов наследник стана Фред Рутен.
Трофеј во чудната сезона за Феенорд
Шансата за добра сезона беше испуштена бидејќи и покрај освоеното место, Феенорд не стигна до пласман во Лига Европа. Тоа значеше нова тренерска смена. Рутен си замина, а кормилото го презеде неговиот асистент, Џовани ван Бронкорст. Во својата стара љубов се врати и Дирк Кајт кој сонува за трофеј со Феенорд.
Минатата сезона беше необична за Феенорд. Беа постојано на чекор до Ајакс и ПСВ се до зимската пауза и потоа следуваше една од најлошите серии во нивната историја: Реми, седум порази, реми. Тоа значеше збогум за некакви надежи дека можат да останат во трка за титулата.
Ајакс го загуби првенството откако ремизираше во последното коло со Де Графшап (17-ти), титулата ја одбрани ПСВ, а утеха за Феенорд беше Купот кој го немаа освоено од 2008-ма.
Во трка за титулата во 2016/2017
Сцената за новата сезона беше поставена, а Феенорд ја почна со серија без пораз која им почна во првенството од 28 февруари 2016-та. Тимот генерално е истиот со неколку промени. Дојдоа голманот Бредли Џонс од Нец, крилото Стивен Бергуис од Ватфорд и напаѓачот Никола Јоргенсен од Копенхаген.
Стартот е од соништата. 9 од 9 и две победи во Лига Европа по првите три кола од кои првата на отворањето против Манчестер Јунајтед. Одличниот почеток сезонава им заврши на 23 октомври кога прво ремизираа со Ајакс, па со Херенвен, а потоа загубија од Гоу Ахед Иглс.
По тие три меча без победа, топло-ладно одиграа и во следната недела, откако го победија Цволе 3:0, а потоа беа декласирани на Олд Трафорд со 4:0. Дека сезонава тимот на Ван Бронкорст нема да се откаже до крај, доказ е изданието против Утрехт. На оваа средба губеа 1:3 до 90-та минута, но гостинскиот голман се соочи со тешка повреда, а судијата го продолжи мечот 9 минути, време во кое Јоргенсен и Крамен стрелаа за конечни 3:3. На последниот меч својата сила ја демонстрираа против Спарта со 6:1.
По 15 минати кола Феенорд и натаму е прв на табела со 11 победи, 3 ремија и еден пораз, но со идентичен учинок е и Ајакс, додека ПСВ заостанува на -6. Благодарение на формата и подемот на Феенорд, од холандското првенство по долго време се очекува за титулата да се бори славното трио. Новото засилување на Феенорд, напаѓачот Јоргенсен е светла точка во тимот кој до сега стигна до 11 погодоци од вкупно 40-те на тимот кој во моментов е еден од најефикасните во Европа.