Во зимскиот преоден рок Милан и официјално реши да се ослободи од Кшиштов Пјонтек кој на 30 јануари потпиша договор со Херта за сума од 27 милиони евра. Го облече дресот со број 7 и веднаш даде гол, но овој пат тема не се неговите голови што беше специјалност кога го запознавме во Џенова во напад со Пандев, туку она што се случува каде и да оди.
Внимавајте на податоков: За една и пол сезона, 24 годишниот полски напаѓач има 7 различни тренери. Да, осум. Чудно нели? И сигурно се прашувате како е тоа можно? Колку и да ви звучи невозможно за еден така кус период, сепак е вистина.
До пола сезона 2018/2019 работеше со тројца тренери во Џенова, потоа во јануари премина во Милан каде до лето се сменија уште тројца и сега најново само неколку дена откако пристигна во Бундеслигата ќе добие втор тренер или вкупно осми во оваа низа.
Детално тоа изгледа вака
ЈУНИ 2018: Пјонтек потпишува за Џенова
ОКТОМВРИ 2018: Балардини добива отказ, на негово место доаѓа Јуриќ
ДЕКЕМВРИ 2018: Јуриќ добива отказ, на негово место доаѓа Прандели
ЈАНУАРИ 2019: Пјонтек потпишува за Милан
МАЈ 2019: Гатузо си заминува, доаѓа Џампаоло
ОКТОМВРИ 2019: Џампаоло добива отказ, доаѓа Пиоли
ЈАНУАРИ 2020: Пјонтек потпишува за Херта Берлин
ФЕВРУАРИ 2020: Клинсман си заминува
Пјонтек го запознавме пред две сезони откако имаше пеколно добар старт во Серија А за Џенова, кога стана прв играч после Батистута со гол на сите први 7 кола во сезоната. Газеше се до јануари кога Милан одлучи да го купи за 35 милиони евра.
Му тргна одлично и “пукна“ 9 пати, но оваа сезона му беше бледа како и на цел тим на Милан. И покрај тоа Росонерите успеаа да му извадат убави пари.