Додека светот ги величи рекордите на Роналдо, а Португалија е втора во група, исто како и една Шпанија, ниту една земја не може да биде горда како онаа на Данците, кои тивко и јуначки станаа учесници на долго зборуваниот Мундијал во Катар.
Пласманот сè уште го немаат заверено ниту европски првак Италија, светскиот шампион Франција, како и селекциите на Белгија, Англија, Португалија, Хрватска.
Данците тоа го направија беспрекорно со 8 од 8, 27 дадени и ниту еден примен гол и станаа само втор учесник во Катар. Прв е Германија, која пласманот го завери со победата во Скопје.
Ако некој се обиде ова достигнување да го минимизира, ќе погреши, бидејќи резултатите во речиси сите групи, покажуваат дека патот до Светското воопшто не е едноставен за ниту една репрезентација.
Данците немаат противник во групата од првиот ешалон, но ако ги тргнеме на страна Фарски Острови и Молдавија како аутсајдери, против Шкотска, Австрија и Израел не може однапред да се планираат бодови.
Во овој квалификациски циклус ниту една друга репрезентација не може да се пофали дека е без примен гол. Италија и Швајцарија се единствени со по 1 примен, потоа Франција, Германија, Англија, Хрватска и Шведска имаат примено по 3, Португалија и Белгија по 4, Шпанија 5...
Доказ плус дека е тешко да се освои квалификациска група е самиот факт дека на Данска и биле потребни дури 24 бодови за да може да здивне со математички пласман. Втора во групата е Шкотска со 17, Израел има 17, Австрија 10, Фарски Острови 4, Молдавија 1.
2021-ва година е најуспешната фудбалска година за Данска во поновата историја, после бајката во 92-ра кога станаа европски прваци. На 16 средби имаат 12 победи, реми на пријателска против Германија на гости и три порази, сите на Европското ова лето на кое беа најголемо изненадување.
Сликите од нивниот старт на ЕП не се за повторување, бидејќи потсетуваат на стресниот момент со Кристијан Ериксен кој колабираше на терен.
Но во целата несреќа, стигна најубавата вест, а тоа е дека фудбалерот на Интер е жив. Неговите соиграчи го загубија тој дуел од Финска, потоа во второто коло и од Белгија, но јуначки се издигнаа и во чест на Кристијан обезбедија сензационално полуфинале.
Во третото коло ја совладаа Русија до 4:1, во осминафинале со 4:0 го декласираа Велс, а во четвртфинале ја минаа Чешка со 2:1. Полуфинална пречка им беше Англија од која загубија во продолженијата.
Данска има строго интернационален состав со играчи кои во најсилните лиги во Европа. Меѓу повиканите за мундијалските квалификации има само двајца кои играат во домашното првенство. Седум играчи играат во Премиер лига, пет во Серија А, тројца во Бундеслига, двајца во Ла Лига и по еден во Франција, Австрија, Холандија и Турција.
Од јули минатата година ги води 49 годишниот Каспер Хјулманд, поранешен тренер на Мајнц и Нордсјеланд, кој е најуспешен селектор во последните 100 години, барем што се однесува до процентот на победи кој изнесува 70. Скорот му е 17 победи, 2 нерешени и 5 порази.
Во отсуство на Ериксен светот ги дозна имињата на Микел Дамсгард, плејмејкер кој всушност ја замени најголемата ѕвезда во тимот и крилото Андреас Сков Олсен. Се работи за млади и перспективни играчи кои од Нордсјеланд направија трансфери во Италија.
Дамсгард е член на генерацијата 2000-та кој лани замина во Сампдорија, а Олсен е една година постар и игра за Болоња. Токму Хјулманд им ја даде довербата на овие таленти на кои им овозможи да процветаат.
Камен темелник во одбрана им е капитенот Симон Кјаер кој во 2008-ма година излезе од данскиот шампионат и веќе 13-та година има успешна меѓународна кариера во Палермо, Волфсбург, Рома, Лил, Фенербахче, Севиља, Аталанта и од минатата година Милан.
32 годишниот стопер многу присебно и искусно се справи со непријатниот момент со Ериксен. Прво веднаш провери дали го голтнал јазикот, што е опасен момент за да не се задави, а потоа направи круг со соиграчите околу Кристијан, за да ја сокрие шокантната сцена од камерите.
117 настапи има за Данска, а во саботата против Молдавија го даде петтиот репрезентативен гол.
Меѓу најпознатите дански фудбалери, се разбира тука е и заменик капитенот Каспер Шмајхел кој веќе 10 години го чува голот на Лестер.
8 matches 24 points. Off to the World Cup we go! 27 goals for and 0 against 🤯🇩🇰 pic.twitter.com/8Blny7ewov
— Peter Schmeichel (@Pschmeichel1) October 12, 2021
За импресивната серија од 8 меча без примен гол, доби пофалби од неговиот татко за кој не треба да ви објаснуваме кој е.
Данска во Катар го одбележува шестото мундијалско учество, а најголемиот успех им е пласман во топ 8 на СП 1998.
Внимавајте на овие дечки кои после Европското се полни со елан да се покажат во добро светло и на Светско.