Папата и Ди Стефано израснале во исто маало

Новиот Поглавар на Римокатоличката црква, Папата Франциск и легедарниот напаѓач на Реал Мадрид живееле во близина, оделе во исто училиште, а најверојатно заедно играле и фудбал.

За првите две работи со сигурност сведочи 86 годишниот Алфредо Ди Стефано, кој е петкратен европски шампион со Кралскиот клуб во педесетите години. Тој се сеќава на детските денови во Буенос Аирес, а на само два блока од неговата куќа имало црква каде живеел сегашниот Папа.

„Многу сум среќен што го избраа токму Франциск за нов Папа. Во моето маало се играше фудбал по цели денови, не можам да се сетам, но можеби во една од двете екипи играл и тој. Подобро да го прашате него, затоа што јас тогаш бев дел од младинската академија на Ривер Плејт и сите ме знаеа“, изјави Ди Стефано.

Легендарниот фудбалер на Реал рече дека и покрај тоа што ги чита насловите од дневните весници, избегнува да разговара за политика и религија и додека сите го чекале белиот чад, а потоа и појавувањето на нивот папа на балконот, тој како и секогаш гледал фудбал.

19 март 2013 - 17:03