Ако може за една Италија да пишеме дека гази, зошто да не ѕирнеме како и оди и на (не)фудбалската репрезентација на Андора која во квалификациите за СП 2006 ни собра 4 бода.
Петтата најмала земја членка на УЕФА, после Лихтенштајн, Сан Марино, Гибралтар и Фарски Острови, за прв пат во едни квалификации знаете што успеала да направи? Да не заврши последна.
Учествува на сите квалификациски циклуси од 2000-та па наваму и во овие се избори да остави зад себе барем една земја, а тоа е Молдавија. Андора беше дел од групата Х, каде успеа да оствари една победа и едно реми.
Дома ја совлада Молдавија со 1:0, а на Албанија и одигра 2:2 на гости. Беше многу близу и до сензационален бод на уште едно гостување, а тоа е она против Турција од која загуби со гол во 89-та минута.
Андора има вкупно 6 победи во историјата од кои 3 на пријателски и 3 на квалификациски средби.
За жал мора да уште еднаш да потсетиме дека во квалификации првата им е против Македонија во 2004-та, втората против Унгарија пред две години и третата на 11 октомври со Молдавија. Сите со 1:0. Инаку имаат само 4 нерешени од кои еднаш со нас на Градски 0:0 во истиот циклус и уште 105 порази.
За оваа минијатурна земја сместена меѓу Шпанија и Франција, 2017-та беше најуспешна резултатска година. На 22 февруари го победија Сан Марино 2:0 на пријателска завршувајќи пост од 12 години без победа. Потоа на 9 јуни ја победија Унгарија во квалификации за СП и на 6 јули ремизираа со Фарски Острови.
Оваа серија им донесе скок на ранг листата на ФИФА од 57 позиции со кои станаа 129-ти, а годинава пак ќе ја паметат по тоа што за прв пат не се на дното на табелата.