Чисто како потсетување, зборуваме за истиот Баптиста кој играше две сезони во Реал Мадрид. Прво 2005/2006 кога во напад беа и Раул, Роналдо, Робињо, Касано и Солдадо, а потоа и во 2007/2008 кога играа и Нистелрој, Савиола и Игуаин.
Не е грев ако не сте знаеле што се случува и каде е Бразилецот кој има 47 настапи за репрезентација за која играше на СП 2010 кога селектор беше Дунга. 20 месеци беше без клуб, па кој знае што правел, можеби Адриано треба да каже.
Во август 2018-та Баптиста потпишал за Клуж, а тоа е романска прволигашка дестинација како можност за кам бек на терените. Но очигледно долгата пауза си го направила своето, па авантурата во Романија му заврши по само осум месеци.
Од неговиот престој во Клуж може да се извади неверојатна и фантастична статистика која гласи вака: 3 настапи, вкупно 43 минути и 0 постигнати голови.
Полошо не можеше да биде.
Така излегува дека 37 годишниот ветеран е најскапо платениот играч во историјата на романскиот фудбал. Неговата месечна плата изнесуваше 45.000 евра или 360.000 евра за целиот престој, што значи за секоја минута на терен добивал по 8.732 евра.
Баптиста кариерата ја почна во Сао Паоло, пред Клуж играше за Орландо Сити во сезоната 2016/2017, а има настапувано и за Севиља, Арсенал, Рома, Малага и Крузеиро.
Неговиот веројатно и најлогично последен клуб во кариерата, излезе со соопштение за предвремениот раскин на договорот.
„Постигнавме договор на пријателски начин за прекинување на соработката со Жулио. Му благодариме за работата во нашиот тим и му посакуваме сè најдобро. Иако не играше многу, неговиот придонес во соблекувалната беше значаен, а неговата професионалност и подготовка беа дополнителна мотивација за нашите млади играчи. Без оглед на тоа каде ќе избере да ја продолжи кариерата, Жулио ќе продолжи да биде близок пријател на клубот“.
Навистина (не)заборавен престој на човекот кој подобро да не се фали кај бил и што направил после тие 20 месеци пауза.