Офсајд лик: Франческо Гвидолин

Штом треба да те бараат на Гугл за да видат воопшто кој си, тоа е знак дека не си за во Премиер лига. Тоа му се случи на италијанскиот стратег со 30 години стаж како тренер, но без ќорав трофеј.

Свонси го отпушти својот тренер Франческо Гвидолин и тоа е една од најновите флеш вести од Премиер лигата. На клубот воопшто не му тргна добро сезонава и по 7 кола има 5 порази, едно реми и само една победа, скор кој ги држи во зоната на испаѓање.

И веројатно немаше овој тренер да влезе во рубриката на Офсајд ликови, ако не беше вистинит следниов податок. Гвидолин доби отказ на денот на неговиот роденден, полош подарок нема од тоа. Неговиот 61 роденден на 3 октомври ќе го слави со тоа што остана без работа.

Италијанскиот стратег ја почна кариерата во 1986-та и освен кусото искуство во Монако пред 10 години, кариерата ја градеше во Италија во екипи како Виченца, Удинезе, Болоња, Палермо, Џенова, Парма.

На 18 јануари годинава беше назначен за нов стратег на Свонси, а капитенот на тимот Ешли Вилијамс изјави дека морал нивниот нов тренер да го пребарува на Гугл за да види за кого се работи.

Гвидолин го спаси тимот од испаѓање, а позитивно оваа сезона е само тоа што одигра 2:2 со Челси и го победи 1:0 на гости Барнли. На негово место доаѓа поранешниот селектор на САД, Боб Бредли.

Кога сме на тема смена на тренери, отказ доби уште еден Италијанец на островот. Се работи за Роберто Ди Матео кој пред четири години ја освои Лигата на шампионите со Челси, а сега доби отказ од второлигашот Астон Вила кој го водеше 124 дена. И нему му е тука местото.

3 октомври 2016 - 16:14