Минатиот месец го започнавме квалификацискиот циклус токму против репрезентацијата на Хрватска и одигравме добро, посебно во првиот дел, но Загреб го напуштивме со празни раце. Овој пат не смееме да дозволиме да се повтори истото сценарио, а тоа го знае и селекторот Јаневски кој како што и самиот вели, би менувал добар впечаток за поени.
„Можеме и да одиграме послабо против Хрватска и Србија, но само да освоиме повеќе поени од првите два натпревари", изјави Чедомир Јаневски.
Одличните игри на дуелите со Хрватска и Шкотска ја вратија самодовербата и позитивната атмосфера помеѓу репрезентативците, но и оптимизмот помеѓу навивачите. Одамна немало таква еуфорија и побарувачка за влезници за еден натпревар на фудбалската репрезентација која во минатото ни носеше приредуваше само разочарувања.
Репрезентацијата на Хрватска е голем фаворит на хартија. 11-та репрезентација на ФИФА ранг листата во своите редови има ѕвезди од најголемите европски фудбалски клубови, а само еден Лука Модриќ на трансфер пазарот вреди колку цел наш националниот тим. Но ние многу пати до сега сме докажале дека не респектираме фаворити, а тоа им го имаме покажано и на Хрватите.
До сега Македонија има одиграно седум натпревари со Хрватска. Победивме со 2:0 во 2007-та година, ремизиравме 2:2 на пријателски натпревар во Хрватска и 1:1 на квалификациите во 1999-та година, а загубивме четири натпревари.
Натпреварот почнува во 20:30, а правдата ќе ја дели судијата Петер Расмусен од Данска.