Во моментите кога предводникот на Бразил го читаше составот кој ќе патува на Мундијал, во домот на Фагнер настана еуфорична прослава кога го слушнаа неговото име. Но и да не отидел на Светско, тоа не би било толку голема траума за малиот брз десен бек кој во животот преживеал далеку поголема несреќа.
La REACCIÓN de la familia de Fagner una vez Tite le convocó con Brasil para el Mundial. Euforia total. pic.twitter.com/50lXp8n0P4 (vía @AlexNegrunes)
— Fútbol Total (@FT_Total) May 14, 2018
Пораснат во Жардин Капелиња, едно од најозлогласените маала во Сао Паоло, на шест години Фагнер се удрил силно во стакло додека играл со брат му и нивни другар и еден дел од стаклото го исекол многу длабоко по вратот.
Со Брза помош бил префрлен во болница и итно бил опериран. Докторите им рекле на родителите дека ако дошле една минута подоцна, малиот ќе искрварел до смрт.
За несреќа ниту операцијата не завршила добро - поради итноста и брзата интервенција, структурата на вратните лигаменти била погрешно наместена и после една година Фагнер морал да се оперира одново затоа што не можел да ги мрда вратот и раката во целост.
По вториот обид којшто го приморал татко му Каликсто да ја продаде колата, Фагнер се опоравил во целост (иако денес се забележува дека левото раме му е помало и помалку мускулесто од десното).
Фагнер долго време поминал на физикални терапии во Ибирапуера, место 16 километри оддалечено од Жари Капелиња каде живееле фудбалерот.
За време на оваа фаза на опоравок тој научил убава лекција: „Имав многу лоши моменти во животот и тоа ми помогна да не се обесхрабрувам и да се борам“.
***
Откако го надминал страшното минато, дефанзивецот со офанзивни манири роден 1989-та година својата кариера ја продолжиил во младинските категории на Коринтијанс.
Таму бил меѓу поталентираните бекови и на 17 години дебитирал во прв тим. По само една сезона во Коринтијанс, се преселил во Европа, во дресот на ПСВ Ајндховен. Но не се навикнал на холандската лига и после една година и три настапи за „Филипсовци“, решил да замине.
„Од септември до јануари не тренирав ни играв натпревари. Тогаш сериозно размислував да го напуштам фудбалот“, вели за сајтот на ФИФА Бразилецот чии сонародници се познати по склоноста кон носталгија и апатија кога се далеку од дома.
Откако ги земал документите од ПСВ, бекот се вратил во татковината и по една недела потпишал за Васко де Гама. Во клубот од Рио де Жанеиро се вратил во форма и добил нов повик од Европа, поточно од германски Волфсбург.
Со „волците“ започнал добро, но со текот на времето формата му опаднала и Германците го вратиле на позајмица во Васко. Бундеслигашот не можел да го чека и на крајот го продал во Коринтијанс.
А таму на клупата бил професор Тите, сегашниот селектор на Бразил којшто ја оживеал кариерата на Фагнер.
Среќа во несреќа биле отсуствата на повредените Дани Алвес и Данило поради што патот на Фагнер во првиот состав бил отворен.
***
Физичките проблеми на Данило го примораа Тите да се потпре на своето дете кое стартуваше против Коста Рика, а играше и против Србија. Данило во меѓувреме се опорави но одличните настапи на Фагнер (со него на терен Бразил не прими гол), Тите реши да не менува ништо.
Детето кое некогаш едвај останало живо откако се исекло со стакло, сега го живее својот сон со отворени очи.