Од лагодна позиција на чело на својата група, во само пар натпревари изгубија драгоцени бодови и завршија како втори, зад Швајцарија, така што ќе мора да го поминат пеколниот бараж за да одат на Мундијал каде не биле од 2014-та.
Дваесет и девет годишниот Жоржињо (Бразилец кој одамна игра во Италија и доби италијански пасош па настапува за оваа земја) во само неколку месеци помина пат од апсолутен јунак до трагичар.
Жоржињо, фудбалер од средниот ред на Челси прво на 29 мај годинава освои Лига на шампиони откако во финалето го победија Манчестер Сити. Тој беше еден од најдобрите играчи во мечот за европска титула.
На 11 јули, за нецели два месеци подоцна Жоржињо стана и европски шампион со Италија, откако среде „Вембли“ на пенали ја урнаа силната Англија.
Парадоксално, во пенал-серијата во финалето Англија - Италија Жоржињо, кој инаку важи за еден од најдобрите пеналџии во Европа, го промаши 9-от пенал во серијата. Имаше среќа што Донарума му одбрани пенал на 19-годишниот Букајо Сака и Италија стана европски првак.
Со тие два освоени златни трофеи, на големо се пишуваше дека Жоржињо е сериозен кандидат за наградата Златна топка за најдобар фудбалер на светот за 2021.
Како во животот, така и во фудбалот има подеми и падови, па Жоржињо во само пар месеци промаши два клучни пенали поради кои Италија изгуби драгоцени бодови во квалификациите за Светско првенство.
Прво на 5. септември на стадионот „Сент Јакоб-Парк“ во Базел при резултат 0-0 Жоржињо промаши пенал за водство. Мечот заврши без голови и Италија остана без два важни бода.
На 12 ноември, Италија и Швајцарија играа на „Олимпико“ во Рим. При резултат 1-1 во 90’ минута од мечот беше досуден пенал за домаќинот. Топката ја намести Жоржињо и повторни промаши. Швајцарија не само што освои голем бод, туку и стекна подобар учинок во меѓусбените дуели (0-0, 1-1 на гости). На крајот Италијанците одиграа само 0-0 кај Северна Ирска, Швајцарија со 4-0 ја совлада Бугарија и заслужено заврши прва на табелата.
Жоржињо и другарите сега ги чека пеколен бараж. Ќе бидат носители и еден од евентуалните противници на Македонија во полуфинале.