Едни го критикуваа што не го викнал Јаховиќ, други коментираа дека лесно било да се победуваат аутсајдери како Лихтенштајн, а трети тактизираа и не сакаа да му го продолжат договорот, па тоа го сторија едвај само на 6 месеци.
Но за делата на Игор Ангеловски во репрезентација можеме само да честитаме и да се поклониме.
Пробаа Андон Дончевски, Ѓоќо Хаџиевски, Драган Канатларовски, Ѓоре Јовановски, Никола Илиевски, Слободан Сантрач, Бобан Бабунски, Среќко Катанец, Мирсад Јонуз, Влатко Костов, Џон Тошак, Гоце Седлоски, Чеде Јаневски, Зоран Стратев, Бошко Ѓуровски и Љубинко Друловиќ, ама не успеаа.
Епа Игор Ангеловски успеа. На 12 ноември 2015-та стана селектор број 17 на Македонија, а на 12 ноември 2020-та ја оствари целта која ја постави. Пласман на Европско првенство.
Покрај историскиот успех, тој за прв пат успеа да го оствари третото место во едни квалификации, а потоа да направи и светска сензација со триумфот над Германија на гости.
Македонија под негово водство се крена од дното и скокна 100 позиции на ранг листата на ФИФА, а за атмосферата во репрезентацијата најдобро говореа Пандев и другарите кои често пати повторуваат дека функционираат како фамилија.
И личниот скор е на негова страна и го прави најуспешен македонски селектор во историјата. 23 победи, 11 нерешени и 19 порази со гол разлика 82:63.
Честитаме селекторе и посакуваме да се повтори.
„На мојoт последeн ден како селектор на Македонската Фудбалска Репрезентација би сакал да упатам голема благодарност до сите репрезентативци на чело со капитенот Горан Пандев и да им посакам да се пласираат на европски и светски првенства како и индивидуални успеси на клупско ниво. Благодарност до мојот стручен штаб, медицинскиот тим, техничкиот персонал. На целата македонска јавност и на сите оние кои успеаја да допатуваат во Букурешт и Амстердам им се заблагодарувам на безрезервната подршка и навивачката атмосфера која ни ја приредија и која ќе ја паметам сиот мој живот. Благодарност до сите домашни и странски новинари. И на крајот упатувам благодарност за безрезервната и безусловна поддршка до моето семејство сопругата Тања и моите 3 деца Лука, Луна и Леа. На 31.07. завршува мојот ангажман време е за нови предизвици МАКЕДОНИЈА и Македонската Фудбалска Репрезентација секогаш ќе биде дел од моите сеќавања и со задоволство ќе ја паметам“.