И со Фиго немаме шанси за Светско

Доколку стане прв човек на ФИФА, поранешната ѕвезда на Реал Мадрид ќе ја разгледа можноста за проширување на Мундијалите, но според неговиот предлог Македонија нема да добие ништо.

Поранешниот освојувач на „Златната топка“ ја претстави програмата со која ќе се кандидира за тронот на ФИФА. Еден од неговите предлози е Мундијалот да го прошири на 40 или 48 земји учеснички.

Фазата по групи би се играла на два континенти со по 24 земји учеснички, а конечната нокаут фаза би се одржала во една земја. Со таквите промени Светското првенство би траело три - четири дена повеќе.

Но Луис Фиго на претставувањето потенцираше нешто што нас не ни одговара во ваквите евентуални промени, бидејќи според неговиот предлог проширувањето би се направило со земји кои НЕ се од Европа.

Тој предлага и поголема финансиска помош за фудбалските федерации кои би ги добиле од касата на ФИФА, каде има 1,5 милијарди долари.

„Тие пари не и требаат на ФИФА, бидејќи им припаѓаат на федерациите кои се нејзини членки. Затоа предлагам барем 50% од тие пари да се искористат за развивање на фудбалски школи, потоа за изградба на терени, како и купување на опрема“, изјави Фиго.

Поранешниот португалски репрезентативец е голем поддржувач на гол технологијата која веќе се користи во фудбалот, а би се залагал и за користење на повторени снимки кои би ги покажале ситуациите кога играчите неспортски се однесуваат на терен.

Останатите негови клучни предлози се да ја запре “тројната казна“ на која се противи и Пјерлуиџи Колина, а тоа е пенал, црвен картон и суспензија за фаул од последен играч во одбрана во шеснаесетник. Тој би го вратил и старото правило за офсајд кој се судеше, само ако играчот е директно вклучен во одредена акција.

Противкандидати на Фиго му се актуелниот претседател Сеп Блатер, принцот на Јордан Ал-Бин Ал Хусеин и претседателот на Фдбалската федерација на Холандија, Михаел ван Праг.

Како што е познато, условот за секој кандидат беше да добие поддршка од 5 земји, а Луис Фиго ја доби од Македонија, Данска, Црна Гора, Полска и Луксембург.

Изборите ќе се одржат на 29 мај.

19 февруари 2015 - 15:05