Никој како Халанд во Премиер лигата, 14 меча - 20 гола

Норвешкиот бомбардер постави нов рекорд во Премиер лигата на кој може да му подзавидат голгетеришта како Алан Ширер, Тиери Анри, Ван Нистелрој, Серхио Агуеро, Хари Кејн, Мохамед Салах, Луиз Суарез или во превод буквално сите од формирањето на лигата. Во моментов има повеќе голови од половина екипи во лигата. Нереално.

Ерлинг Халанд како едвај да чекаше да заврши Светското за да продолжи со мелење. Го немаше со Норвешка во Катар, ама откако стапна во Англија ги помести границите.

Со двата гола против Лидс на гости, Халанд успеа да стигне до најбрзите 20 првенствени голови кои ги постигна по само 14 меча.

Премиер лигата почна на 5 август и со оглед на мундијалската пауза, тој за околу три месеци фудбал веќе е на оваа фасцинантна двоцифрена бројка.

Рекордот до сега го држеше Кевин Филипс на кој му беа потребни 21 меч за да постигне 20 гола.

На пример на Нистелрој му требале 26 средби, на Ширер 29, Агуеро 30 Анри 34, Кејн 40, Суарез 50.

22 годишната машина тоа го стори по само 14 натпревари и замислете во моментов има повеќе постигнати голови од Челси и уште од осум премиерлигашки екипи.

Со се купови, Халанд во моментов на 20 натпревари има 26 гола. Го помина и татко му и на кој му требале 181 меч за да дојде до 20 голови во Премиер лигата.

Со тоа што тој во Лидс и Манчестер Сити играл средина и одбрана. Инаку Халанд одлучи да не се радува на головите поради тоа што е роден во Лидс и изјави дека има респект кон клубот.

29 декември 2022 - 09:46