Најстариот и најпрестижниот тениски турнир во светот кој постои од далечната 1877 година е преполн со историја за кој може да напише роман. На 17 години првата Грен слем титула во кариерата токму на Вимблдон ја освои Марија Шарапова.
На истата трева брилијантни партии одигра Серена Вилијамс која пет пати до сега го има подигнато пехарот. Лондонскиот турнир е местото каде доминацијата на Пит Сампрас потоа ја презеде Роже Федерер, а тие двајца се рекордери во машка конкуренција со по седум освоени титули.
Синоќа на Вимблдон историја испиша и анонимен Австралиец, по татко Грк, а по мајка Малезиец кој стана првиот тинејџер кој по пауза од девет години успеа да елиминира светски рекет број 1 на Грен слем турнирите.
Интересно е што пред себе го имаше човекот кој последен пат успеа да го оствари истиот успех. Рафаел Надал на 19 години тоа му го стори на Федерер во 2005 година на Ролан Гарос.
Кариерата и почетоците на Ник Киргиос беа непознати за спортската јавност се до вчерашната сензација на Вимблдон. Тој е голем навивач на НБА тимот Бостон Селтик, а пред само пет години одлучил да ја батали кошарката и да му се посвети на тенисот.
Изборот воопшто не му е погрешен, а тоа го покажа уште на јуниорските турнири. На 15 години стигна до првата титула на отворениот турнир на островот Фиџи. Потоа се покажа одличен и на натпреварите во двојки каде заедно со Ендрју Харис ги освои Ролан Гарос и Вимблдон.
Киргиос талентот го покажа и пред своја публика кога во 2011 година во јуниорска категорија ја освои Австралија Опен победувајќи го во финалето Танаси Кокинакис и тоа во неговиот деби настап на Грен слем турнирите.
Младиот Австралиец кој започна со професионално играње тенис на стартот од минатата година, пред настапот на Вимлбдон има одиграно вкупно 10 меча на кои остварил само три победи.
Се појави за прв пат на Ролан Гарос минатата година каде во три тај брејка го победи Радек Штепанек, но потоа беше елиминиран од Марин Чилиќ. Настапи и на УС Опен каде ги мина квалификациските кола, но во прво коло ждрепката му го донесе Давид Ферер кој не дозволи изненадување.
Киргиос минатата година го почувствува домашниот терен на Австралија Опен и во сениорска категорија. По триумфот над Бенџамин Бекер, во следното коло загуби од Французинот Беноа Пер и тоа по водство од 2:0. Тешка пречка за минување му беше и противникот во Париз каде во првото коло од топ 10 листата го дови Милош Раониќ од кој загуби 3:0.
Патот на Киргиос во Вимблдон до сега се состоеше од Стефан Роберт, Ришар Гаске и Јиржи Весели кои ги мина за во осминафиналето да го добие Рафаел Надал. Пласманот во следната фаза му донесе заработка од нецели 410.000 долари како и 66 позиција на АТП листата каде пред 18 месеци беше на 843 место.
На денешен ден пред точно 13 години името кое силно одекна во светските медиуми беше Роже Федерер кој со своите 19 години во осминафиналето на Вимблдон го елиминираше легендарниот Пит Сампрас. Киргиос вчера оствари ист таков успех, а денеска за сензационално полуфинале ќе се бори против Канаѓанецот со црногорско потекло Милош Раониќ.