Репрезентацијата на Норвешка вчера ја совлада Бугарија 2:1, но натпреварот од групата Х го одбележа Мартин Одегард, кој влезе во 63-та минута и со 15 години и 300 дена постави нов рекорд во европскиот фудбал.
Првото издание на Европските првенства се одржа во 1960-та година, а малиот Одегард го сруши претходниот рекорд во сопственост на Исланѓанецот Сигудур Јонсон, кој настапи на квалификациите во 1984-та година. Баерн Минхен, Барселона, Реал Мадрид и Ливерпул пројавија интерес да го доведат вундеркиндот во своите редови, но плејмејкерот сакал уште некоја година да остане во норвешкиот клуб Стромсгодсет.
Дебито за националниот состав, Одегард го имаше на 27-ми август во пријателскиот натпревар против ОАЕ, а против Бугарите за прв пат одигра официјален натпревар за својата земја. Доколку Норвежаните се пласираат на ЕП во Франција 2016 година, Одегард ќе постави уште еден рекорд како најмлад фудбалер на едно континентално натпреварување.
Најмлади фудбалери во историјата на Евро квалификациите:
1. Мартин Одегард (Норвешка) 15 години, 300 дена
2. Сигурдур Јонсон (Исланд) 16 години, 251 ден
3. Петер Јеле (Лихтенштајн) 16 години, 265 дена
4. Леван Кениа (Грузија) 16 години, 325 дена
5. Даниел Фрик (Лихтенштајн) 17 години, 79 дена