Витезе викендов беше домаќин на Цволе во 15. коло од холандското првенство и го совлада со 3:1. Еден од трите гола го постигна младиот Натан кој при прославата клекна на колена, го соблече дресот и се помоли.
Судијата требаше автоматски да му даде жолт картон за потегот, но одлично ја процени ситуацијата и реши да не го казни.
Фудбалерот од средниот ред на Витезе е Бразилец кој загуби двајца пријатели во трагедијата која го снајде Шапекоенсе и пред мечот беше подготвен со маица под дресот, за да им оддаде почит.
„Знаев дека му загинале двајца пријатели и одлучив дека што и да се случи нема да му дадам жолт картон. Тоа беше ужасна трагедија, а ова беше посебен потег за него што успеа да постигне гол и да им го посвети токму на нив“.
За овој случај изјава даде и претседателот на судиската комисија во Холандија.
„Судијата е човек од крв и месо. Се разбира дека има правила, но за нас ова беше оправдан исклучок“.
20 годишниот Натан во Витезе игра како позајмен играч од Челси кој го купи од Атлетико Парананенсе во 2015-та.