Најавен Фудбал Менаџер 2016

Издавачот Сега го најави новиот Football Manager 2016, една од најпопуларните спортски видео игри во историјата.

Овогодишното издание ќе биде достапно веќе од средината на ноември, а најзначајните промени коишто ќе ги донесе новиот Менаџер ќе претставуваат Fantasy Draft и Create-A-Club.
 
Fantasy Draft е опција која ќе ви даде шанса да направите тим со кој би можеле да се натпреварувате во мини лига по ваш избор. Ќе може да составите дрим тим за одреден буџет. Што се однесува до Create-A-Club можноста, играчите за првпат ќе може да основаат свој клуб. Ќе може да одберете лига во која тимот ќе се натпреварува, име на клубот, грб, бои итн.
 
Новост во Менаџер 2016 ќе биде и следење на дуелите во 3Д верзија, а ќе може и да си направите свој карактер кој ќе им дава инструкции на играчите. На крајот од средбата ќе може да се радувате заедно со играчите или брзо да заминете во соблекувалната без да се ракувате со противничкиот тренер.
 
За оние кои имаат ќејф да го глумат Мурињо ќе има и проширена прес конференција со повеќе новинарски прашања и богат спектар од понудени одговори. SEGA во продажба ќе ги пушти и двете дополнителни Фудбал Менаџер видео игри за мобилните апарати. Фудбал Менаџер Тач ќе биде достапна и како самостојна видео игра на подобрите таблети.
8 септември 2015 - 13:27