Првото тренерско искуство Џенаро Гатусо го опиша со силни емоции кои го потсетуваат на финалето на Светското фудбалско првенство во Германија во 2006 година, кога го подигна пехарот. За швајцарските медиуми тој изјави дека во последните два дена пред мечот имал грчеви во стомакот и од преголема возбуда спиел само по два часа.
На вчерашниот четврфинален натпревар Сион му гостуваше на тимот на Лозана, екипа против која Гатузо дебитираше како играч на Сион на пријателски меч. Тренерскиот потенцијал тој го покажа на дело со одлуката да го стави во игра Ванца, играч кој беше игнориран од претходниот тренер, а кој го постигна првиот гол во 28 минута.
Гатузо одлучи да игра се до 86 минута, а потоа го напушти теренот и екипата ја водеше од клупата. Во истекот на последната минута вториот гол за Сион за конечни 0:2 го постигна Дјенг од пенал што предизвика голема радост за две илјадната публика, која и покрај снежното време одлучи да отпатува на гостински терен.
По натпреварот 35 годишниот Гатузо изјави дека ако се одлучи сериозно да се занимава со тренерската функција, ќе се повлече од фудбалските терени. Следниот негов предизвик е гостувањето против Цирих во домашното првенство.