Селекцијата на Шведска денеска го игра полуфиналниот меч од Светското првенство за играчи до 17 години кое се одржува во Обединетите Арапски Емирати, а до таму стигна со најмултинационалниот и мултиетнички состав кој го издвојува ФИФА на својот веб сајт.
За оваа младинска репрезентација настапуваат тинејџери од дури 11 различни земји, а тоа се Холандија, Унгарија, Албанија, БиХ, Турција, Хрватска, Уганда, Кореја, Мозамбик, Гамбија и Шведска.
Дел од оваа интересна приказна се тројца Албанци, а меѓу нив се издвојува Валмир Бериша кој на четвртфиналниот меч против Хондурас постигна гол со петица во стилот на Ибрахимовиќ. Неговите родители одлучиле да се преселат во Шведска кога тој имал само две години.
„Шведските фидбалери се многу брзи и силни, но ако е потребна техника тука сме ние кои доаѓаме од Балканот и оние од африканските земји. За нас е важно во тимот да имаме што повеќе различни играчи", вели 17 годишниот Бериша.
Со потекло од Унгарија е Антон Салестрос, од Уганда е Исак Севанкамбо кои играат во средниот ред, а напаѓачот Карлос Страндберг е единствениот со потекло од два континента.
„Мајка ми е од Португалија, а нејзините корени се од Мозамбик, додека мојот татко е од Шведска. Момците тука се од различни страни на светот и тоа е добро за нас", вели Страндберг.
Одбраната на шведската репрезентација е составена од Ноа Сонко кој е со потелко од африканската земја Гамбија, а друштво му прават дефанзивците Себастијан и Јохан Рамхорн чија што мајка доаѓа од Кореја.
Одбраната ја надополнува Босанецот Али Шуљиќ, а негов сонародник е Мирза Халваџиќ. Од Хрватска доаѓа напаѓачот Кристер Липовац, а на голманската позиција е задолжен Холанѓанецот Сикстен Мохлин.
Репрезентацијата која треба да биде пример за почитување на играчот без разлика на која националност, вера и раса доаѓа има лекарски тим од Италија, а селекторот Ларсон е горд на овие деца за кои вели дека имаат огромен потенцијал.