
Сте слушнале ли за Набил Дирар? Десно крило од Мароко, 39 годишен со 48 настапи за репрезентација и 20 годишна меѓународна кариера во 7 земји.
На една од неговите слики на Истаграм го има со неколку познати ликови за кои вели вака:
„Прекрасна фотографија со Бакајоко - 100 милиони евра, Жибрил Седибе - 80 милиони, Фабињо - 100 милиони, Бернардо Силва - 100 милиони и Субашиќ - 100 милиони. Ова е навистина тим од Лига на шампиони“.
Епа играчот кој некогаш бил во вакво друштво, сезонава игра во македонската прва лига за тимот на Гостивар. Ако не верувате, одиме со фотографија од претставувањето на 31 јули 2024-та.
И како и за сите други трансфери во мак фудбалот, така и за овој како најинтересен, нема никакви детали. На трансфермаркт пишува дека дошол како слободен агент од Луксембург и дека после 22 кола има 17 настапи и 1 асистенција.
Википедија вели дека Дирар се пензионирал во 2023-та, но следната година направил кам бек во фудбалот. На 25 февруари наполнил 39 години и во моментов е втор највозрасен играч во нашата лига.
Нема баш убави спомени од Македонија, затоа што беше член на Фенербахче токму во онаа 2017-та кога беа нокаутирани од Вардар во плејофот од Лига Европа.
Играл заедно и со Елмас, но и со Мбапе и Фалкао во Монако, на кои во неколку наврати им бил капитен во Лига на шампиони.
Набил Дирар е роден во Монако, но уште како тинејџер заминал во Белгија каде ја почнал кариерата во 2004-та. Од осумте сезони во три екипи, последните четири му се во Клуб Бриж.
Во една сезона успеал да направи рекордни 11 асистенции, а потоа во рок од еден месец да постигне 7 гола на 6 средби против ривали како Гент, Генк, Стандард и Серкл Бриж.
На 31 јануари 2012-та го прави трансферот на кариерата. Оди во Монако за 7,5 милиони евра, рекорд за Клуб Бриж.
Игра пет и пол сезони и во последната 2016/2017 станува првак на Франција и само еден од тројцата играчи кои во рок од четири години, успеале да завршат на прво место на табела во Лига 2 и Лига 1.
Не веруваме дека некој дошол да игра фудбал во Македонија после настапи во Лига на шампиони. Истата сезона, кога се радувал на титула во Франција, Набил Дирар ќе ја памети и во пласманот во полуфинале во елитата.
Во нокаут фаза ги елиминираа Манчестер Сити и Борусија Дортмунд, а во полуфинале загубија од Јувентус.
Мароканецот оди за 4,5 милиони евра во Фенербахче каде е стандарден (2017-2020).
Потоа во залезот од кариерата се решава на разни авантури во помали клубови во Турција, Мароко, Данска и Луксембург.
На мапата на земји ја става и Македонија каде со Гостивар е трет на табела со 43 бода. Силекс има 44, а лидерот Шкендија 46. Чуден трансфер. Овој последниов. Незапаметен и ако сакате и сензационален.