Пак се вративме кај Лучано Моџи, односно тој се појави на платформата „Зум“ која го користи на 84 години, што е за почит и со парче од 26 секунди привлекува внимание. Толку треба.
Уште кога се појави на роденден кај Ибра во друштво со Галијани и Рајола, прво што се прашува човек, кој знае какви опасни муабети паднале за фудбал.
Меѓу гостите имаше многу фудбалери, а Моџи кратко и јасно откри само еден детаљ кој не штима во Манчестер Јунајтед, а тоа е всушност основата.
Инфото е кусо, ама и колку сакате да ви открие? Стар волк е, знае до каде со новинари.
„Бев на роденденот на Ибрахимовиќ. Правев муабет со сите, вклучително и со Погба. И знаете ли што ми кажа? Не можам да ви откријам.
Потоа пукаа од радозналост присутните, а Лучано се насмеа и веднаш продолжи:
„За дезорганизацијата на тренерот“.
За Солскјер во Манчестер Јунајтед?
„Точно“, одговори Моџи.
Во меѓувреме Гардијан излезе со статија во која отворено и жестоко удри по Кристијано Роналдо, дека поради него пати цела игра на Манчестер Јунајтед.
„Тој мора да игра затоа што е Кристијано Роналдо. Не нуди ништо во дефанзивната фаза од играта затоа што е Кристијано Роналдо. Не е доволно подвижен за Солскјер да може да игра висок пресинг, како што го правеше тоа со 4-4-2 кога, тој не беше во тимот. Има 36 години и не може да ја следи таа игра. Неговите голови, како оној против Аталанта, можеби ќе донесат резултати, но тоа е како некој убав тапет кој ги крие пукнатините на ѕидот, што ќе се урне во секој момент“.
Еминентниот весник ја критикува мега ѕвездата дека има преголемо влијание секаде каде што прави трансфер и потоа клубот станува ФК Роналдо.
„Тој не е само тактички проблем. Зборуваме за човек кој ги чинеше отказ Макс Алегри, Маурицио Сари и Андреа Пирло во последните три години. Секој тим за кој игра во одреден момент станува ФК Роналдо и без разлика колку многу дресови продава или влијае на зголемениот интерес за клубот на социјалните мрежи, не значи дека тимот ќе игра фудбал кој на крајот ќе им донесе трофеи.
„Мавтањето со рацете по секој примен гол е јасен знак за неговиот бунт против Солскјер. Можеше да добие црвен картон поради ударот врз Кертис Џонс, а тоа е можеби и најлошиот момент на натпреварот против Ливерпул. Погба доби црвен картон, а можеа да добијат и Роналдо и Бруно Фернандеш и Хари Мегваер. Дисциплината целосно исчезна. Клубот во последните три години е воден по логика на забавен парк“.
„Јунајтед мора да одлучи дали сака да биде клуб кој освојува трофеи или клуб кој произведува он лајн содржини. Кој и да го преземе клубот, мора да го реши проблемот Кристијано Роналдо. Можеби постои начин да ги уништи послабите тимови или да биде последното решение од клупа за големите натпревари. Но повеќе не може да му се гарантира место против екипи како Ливерпул“.