Тимот од Автокоманда по поразот од првиот дуел во салата „Борис Трајковски" од 2 гола разлика имаше исклучително тешка задача, да ја анулира предноста против тимот од кој загуби и во фазата по групи и на двата меча и кој беше единствениот кој триумфираше на сите 10 меча во групната фаза.
Избраниците на Червар иако драстично ги загубија шансите по поразот во Скопје, најавија голема борба и веќе по 3 минути игра водеа со 2:0, нешто слично како на првиот четвртфинален дуел во кој поведоа на стартот со 3:0.
Но домаќините се освестија и до 7 минута го израмнија резултатот со играч помалку. Резултатот беше тесен во текот на целото прво полувреме во кое полските ракометари полека ја превземаа контролата на играта.
Последните 3 до 4 минути Металурзите лошо ги одиграа и направија неколку грешки во брзање, а Киелце тоа го искористи на најдобар можен начин и направи доста солидна предност на полувремето од 12:8.
Водството на ракометарите на Киелце од првиот дел веќе претставуваше и психолошка предност за искусните домаќини кои полесно го полнеа голот на Станиќ. По 13 минути игра резултатот беше 18:11, а во 50 минута предноста на Пољаците изнесуваше 10 гола.
Последните 10 минути од средбата претставуваа само формалност во која Металург целосно застана и не успеа да го сопре ниту дебаклот кој се надзираше. Најефикасни во нашиот табор беа Мојсоски и Вугринец со по 4 гола, а Дарко Станиќ натпреварот го заврши со 10 одбрани.
За Металург пласманот помеѓу најдобрите 8 екипи во Европа оваа сезона претставува историски успех за македонскиот машки ракомет, а минатата сезона од Лигата на шампионите се збогуваше во осминафиналето.