Математиките за осминафинале во Бразил

Аргентина, Белгија, Чиле, Колумбија, Коста Рика и Холандија се селекциите кои ќе ги гледаме во топ 16 фазата на Светското првенство. За останување на мундијалскиот празник се борат уште 10 земји кои во следните четири денови ќе се обидат да ја избегнат судбината на Шпанија, Англија, Камерун, БиХ и Австралија.

Група А
Бразил 4, Мексико 4, Хрватска 3, Камерун 0

Последно коло:
Камерун – Бразил
Хрватска – Мексико

Осминафинале:
Домаќините со победа или нерешен резултат против отпишаниот Камерун одат понатаму. Во иста ситуација е и селекцијата на Мексико против Хрватска.

Елиминирани:
Камерун 

Група Б
Холандија 6, Чиле 6, Австралија, 0 Шпанија 0

Последно коло:
Холандија – Чиле
Австралија - Шпанија

Осминафинале:
Селекциите на Холандија и Чиле се сигурни патници. Во случај на победа на „Лалињата“ или нерешен резултат, тие ќе бидат први во групата поради подобрата гол разлика.

Елиминирани:
Австралија и Шпанија 

Група Ц
Колумбија 6, Брегот на Слоновата Коска 3, Јапонија 1, Грција 1

Последно коло:
Јапонија – Колумбија
Грција – Брегот на Слоновата Коска

Осминафинале:
Во групата Ц само Колумбија има обезбедено осминафинале. Брегот на Слоновата Коска ќе биде вториот патник со триумф над Грција или со нерешен резултат, но во тој случај Јапонија да не ја победи Колумбија. Јапонците ако сакаат осминафинале мора да победат и да се надеваат на пораз на БСК или на реми, а потоа гол разликата ќе одлучи. Шансите за нашиот јужен сосед да биде во нокаут фазата, се победа на вечерашниот дуел, а истовремено Јапонија да не триумфира.

Елиминирани:
/

Група Д
Коста Рика 6, Италија 3, Уругвај 3, Англија 0

Последно коло:
Италија – Уругвај
Коста Рика - Англија

Осминафинале:
Коста Рика со две победи автоматски исфрли две големи репрезентации од „групата на смртта“. За втората позиција поради подобрата гол разлика во по поволна ситуација е Италија на која и е доволен само бод против Уругвај.

Елиминирани:
Англија

Група Е
Франција 6, Еквадор 3, Швајцарија 3, Хондурас 0

Последно коло:
Хондурас – Швајцарија
Еквадор – Франција

Осминафинале:
Фудбалерите на Франција се речиси сигурни патници во осминафинале, а со оглед на одличната гол разлика 8:2, тешко дека ќе бидат елиминирани и со пораз. Со оглед на противникот Швајцарија е во подобра ситуација за второто место. Доколку Еквадор сака осминафинале ќе мора да освојува бодови и да се надева на кикс на Швајцарците. Со теоретски шанси е и Хондурас.

Елиминирани:
/

Група Ф
Аргентина 6, Нигерија 4, Иран 1, БиХ 0

Последно коло:
Нигерија – Аргентина
БиХ - Иран

Осминафинале:
Аргентина е сигурен осминафиналист, а таму со една нога е и Нигерија. За Иран да оди понатаму треба да ја совлада Босна, а Нигерија да загуби од Аргентина, но и во тој случај во зависност од резултатите на двата дуела ќе решава гол разликата.

Елиминирани:
БиХ

Група Г
Германија 4, САД 4, Гана 1, Португалија 1

Последно коло:
САД – Германија
Португалија - Гана

Осминафинале:
Најмногу калкулации има во групата Г каде никој нема обезбедено математички пласман во следната фаза. Доколку САД и Германија одиграат нерешено и двете селекции ќе се радуваат, а Германците ќе бидат први во групата. Гана ќе оди понатаму доколку ја совлада Португалија, а САД загуби од Германија. Најмали шанси имаат Португалците кои треба да обезбедат висок триумф, а истовремено да нема реми на другиот дуел.

Елиминирани:
/

Група Х
Белгија 6, Алжир 3, Русија 1, Кореја 1

Последно коло:
Кореја – Белгија
Алжир - Русија

Осминафинале:
Белгија со две победи веќе е осминафиналист. Шансите за Алжир се победа над Русија, но и реми, но во тој случај Кореја да не слави против Белгија. Русите можат да станат осминафиналисти доколку победат, а Корејците да не освојат ниту бод. Најтешката мисија ја има Јужна Кореја која мора да ја изненади Белгија, но истовремено да го чека исходот од другата средба каде не и одговара победа на Алжир.

Елиминирани:
/

23 јуни 2014 - 13:32