Малку фудбалери на планетава можат да се пофалат со кариера како на Австралиецот со македонско потекло, Саша Огненовски, па токму затоа официјалната вебстрана на ФИФА направи сторија за неговиот живот и патот до Светското првенство.
Саша Огненовски е роден во Мелбурн во 1979. година, но неговиот татко е Македонец и тој имаше право да настапи за нашата репрезентација.
Огненовски беше повикан од страна на тогашниот селектор Катанец за пријателски натпревар против Молдавија, но заради индолентноста на ФФМ и АМС, тој не доби македонски пасош по итна постапка. Другите селектори пред и по Катанец беа незаинтересирани, па тој реши да настапува за Австралија.
Веќе следната година тој ја освои азиската Лига на шампиони со екипата на Сеонгам, а беше прогласен и за најдобар фудбалер во Азија за 2010. година.
Но кариерата на Огненовски не се одвивала секогаш како што тој посакувал. Првите фудбалски чекори ги направил во македонскиот клуб Престон од Мелбурн, а настапувал и за грчкиот Панахаики и повеќе австралиски нисколигаши.
Пред седум години тој се уште немал статус на професионален фудбалер, па освен играњето фудбал, морал да работи и на градилиште. На 27-годишна возраст повеќето од играчите кои не успеаваат во кариерата веќе се повлекуваат и бараат друга работа, но Огненовски не се откажал.
Со напорни тренинзи по работата на градилиштата, тој добил понуда од прволигашот Бризбејн. Од тој момент неговата кариера тргнува во нагорна линија.
Во 2008. година потпишува за Аделејд со чиј тим настапува во азиската Лига на шампиони, а следната година потпишува за корејскиот Сеонгам. Носејќи ја капитенската лента на Сеонгам, Огненовски го подигна пехарот од азиската Лига на шампиони и ги доби сите можни признанија за најдобар играч во Кореја и Азија. Од минатата година тој е член на катарскиот клуб Ум-Салал.
Откако Македонија го отпиша, Огненовски е редовен член и столб на одбраната на репрезентацијата на Австралија која веќе обезбеди пласман на Светското првенство. Следната година Саша Огненовски ќе има 35 години и неповторлива шанса да настапи на еден Мундијал што секако ќе претставува врв во кариерата на несудениот македонски репрезентативец.