Во дуел кој за едните значеше Лига на шампиони, а за другите гол опстанок во Серија А, Интер едвај го совлада давеникот Емполи.
Првиот дел донесе офанзива на домаќинот и многу шанси, но еден од најдобрите голмани во последните неколку кола во Серија А, Полјакот Бартоломеј Драговски на чудесен начин бранеше.
Во 51’ минута само што влезе во игра, Кеита Балде го отвори резултатот. Само 10 минути подоцна Мауро Икарди имаше шанса од пенал да го затвори мечот, но Драговски му одбрани.
Казната за Интер стигна набрзо кога Траоре израмни и во тој момент Емполи беше спасен, а Интер без Лига на шампиони. Златен гол за „нераѕурите“ во 81’ минута даде Раџа Наинголан. Играч на мечот беше Самир Хандановиќ кој во финишот спаси два чисти зицери кога Емполи беше на прагот од неверојатен подвиг и спас.
Аталанта со 3-1 го победи Сасуоло кој поведе ама потоа играше цело второ со играч помалку. Тимот од Бергамо заслужено се пласираше во Лигата на шампиони откако ја одигра најдобрата сезона во клупската историја.
Ваквиот епилог ѝ одговараше и на Џенова која одигра 0-0 кај Фиорентина на гости со што и „Виолетовите“ и тимот на Пандев се спасија од испаѓање.
Со празни раце остана Милан кој оствари пирова победа од 2-3 кај СПАЛ на гости, но на крај ќе се задоволи само со Лига Европа. Во ЛЕ ќе одат уште и Рома и Лацио како победник на Купот на Италија. Во Серија Б испаѓаат Емполи, Фрозиноне и Киево.