Луда ноќ во НБА, Вембанјама експлодираше со 50 поени, а Антетокумпо даде 59

Никогаш во историјата на НБА не се случило во една ноќ еден играч да има 55+ поени, втор 50+, трет 45+ и четврт 40+. Тоа се случува за прв пат.

Ноќеска се одиграа 11 натпревари во НБА, а целиот фокус е фрлен на двете средби на кои играа Јанис Антетокумпо и Виктор Вембанјама, кои имаа натпревари за паметење.

Славниот Французин ја одигра партијата на кариерата (за сега) и за 32 минути запиша 50 поени, 6 скока, 8 тројки и 3 блокади.

За него ова е личен рекорд и по број на поени и тројки. Резултатски тоа значеше победа на Сан Антонио Спарс над Вашингтон Визардс од 139:130.

Со 20 години и 314 дена, Вембанјама стана најмладиот центар во историјата на НБА кој постигнал 50 поени и 8 тројки на еден натпревар.

Јанис пак го одведе Милвоки Бакс до триумф над Детроит Пистонс од 127:120, но дури во продолженијата и тоа откако во трета четвртина имаа негатива од 18 поени.

Гркот одигра бомбастична партија со 59 поени, 14 скока, 7 асистенции, 2 украдени топки и 3 блокади.

Но ова за него не е личен рекорд, туку втор најдобар резултат во кариерата, откако минатата сезона на Индијана ѝ даде рекордни 64 поени. 

14 ноември 2024 - 08:20