Конечно некаков напредок на македонската фудбалска репрезентација е насловот од претходното рангирање на ФИФА кога скокнавме за две позиции. Сега тоа го нема и остануваме 139-та фудбалска земја, а пред нас се Доминиканска република, Ангола, Азербејџан, Фарски острови, Филипини и Курасао кој сигурно не знаевте каде е на мапа ако не ви кажевме.
Најдобар рејтинг од нашите противници во квалификациите за СП 2018 има Шпанија која е на 8 место, потоа следуваат Италија (10), Албанија (37) и Израел (76). Подобри сме само од Луксембург кој се наоѓа на 182-ра позиција.
Од резултатите на ЕП 2016 најмногу профитираше Велс кој со скок од 15 места сега е 11-та фудбалска земја во светот. Хрватска се искачи за 12, а Полска за 11 позиции и се наоѓаат на 15-та и 16-та позиција. Исланд е 22-ри со скок од 12 места.
Голем напредок има кај Пуерто Рико кој со скок од 46 места е 112-ти, Либерија бележи напредок од 31 место и е 92-ра позиција, Либија и Нов Зеланд се на делба на 93-то место со скокови од 29 и 54 места, Кенија има скок од 43 места и е 86-та, а Венецуела е 46-та со скок од 31 место.
Во топ 5 нема промени, прва останува Аргентина, а по нејзе Белгија, Колумбија, Германија и Чиле. Европскиот првак напредуваше две позиции и сега е шести, финалистот Франција скокна 10 места и е седми.