Одлуката на Мартин Одегард да го избере Реал Мадрид пред Баерн Минхен, Ливерпул и Арсенал беше донесена од неколку причини. Зинедин Зидан како тренер на Реал Мадрид Б е една од нив. Ако Реал Мадрид по нешто е познат, тоа е што речиси никогаш не пазари млад талентиран играч, за кој треба време и трпение. Реал отсекогаш купувал готови играчи.
Кога ќе се погледне назад, во 2006. година, 14-годишниот Нејмар дојде на двонеделна проба во Мадрид, но Реал немаше трпение за него и седум години подоцна требаше да искешираат 150 милиони евра за да го доведат. Откако го пропуштија Нејмар, а претходно немаа шанса да го купат Лионел Меси, Реал Мадрид се насочи го тинејџерскиот феномен Мартин Одегард, кој дојде на проба месецов.
Норвежанецот не тренираше со Б тимот на Реал Мадрид, за кој ќе игра во вториов дел од сезоната, туку тренираше со првиот состав. Зинедин Зидан го прошета по тренинг центарот, Флорентино Перез лично дојде да го види на тренинг, а со Одегард зборуваше и Кристијано Роналдо. Соиграчите на Одегард од Стромсгодсед изјавија за норвешка телевизија дека добитникот на Златната топка му кажал на малиот Одегард:
„За некоја година јас нема да давам толку многу голови, така што ќе треба да ги даваш ти“.
Таткото на вундеркиндот, Ханс Ерик Одегард, поранешен играч и тренер во Норвешка доби понуда да стане тренер во младинската школа на кралевите, како дел од 6-годишниот договор на син му со Реал Мадрид.
Реал Мадрид Кастиља, предводена од Зидан во моментов игра во третата лига и во случај да не обезбедат пласман во втора лига, тоа ќе биде проблем за Карло Анчелоти, а не за Зизу, затоа што Одегард ќе игра третолигашки фудбал а воедно е стандарден репрезентативец на Норвешка. Во тој случај, Одегард пребрзо ќе дебитира за првиот тим. Лионел Меси на пример дебитираше на 17 години и 114 дена, а Одегард ќе полни 17 во декември годинава.
Ризикуваат и двете страни, затоа што Реал Мадрид иако даде околу 4 милиони евра за Одегард, уште не докажал дека има храброст за младите играчи во составот. Пример за тоа се Бебе и Серхио Каналес, фудбалери кои не успеаа на Бернабеу и среќата ја побараа во друга средина.
Серхио Каналес потпиша за Реал Мадрид на 18 години за 5 милиони евра, но поради повреди не доби права прилика во Мадрид. Каналес за две недели ќе игра со Сосиедад против Реал Мадрид. Според Марка, Одегард во 2020. година би требало да биде стандарден фудбалер и главен играч на кралскиот клуб.
Мартин Одегард постигна пет голови на 23 натпревари лани за Стромсгодсет, кој заврши како четврт на табелата. Минатиот октомври, Одегард стана најмладиот играч во историјата на едни квалификации за ЕП, кога влезе од клупата на дуелот Норвешка - Бугарија 2:1.