Популарниот „Крал Казу“ испиша нова страница во историјата, откако настапи на официјален првенствен натпревар на возраст од неверојатни 59 години, 8 месеци и 12 дена.
Миура го оствари овој подвиг во дресот на третолигашот Фукушима Јунајтед (Џеј-лига 3), влегувајќи во игра од клупата за резерви во судиското надополнување на натпреварот против ФК Рјукју, кој неговиот тим го доби со убедливи 4-1.
Со ова, тој го собори сопствениот рекорд за највозрасен фудбалер кој заиграл во системот на јапонската професионална лига. Овој настап е негов прв во стандарден лигашки меч уште од 2021 година, кога последен пат настапи во елитната прва лига за неговиот матичен клуб Јокохама ФК.

Кариера низ пет децении и светска слава
Неверојатната приказна на Миура започна уште во далечната 1982 година, кога како 15-годишно момче сам заминал во Бразил за да го учи фудбалскиот занает. Дебито му е во 1986 година во дресот на славниот Сантос, клубот на легендарниот Пеле.
Денес, тој ја игра својата 42. професионална сезона, протегајќи ја кариерата низ пет различни децении, од 1980-тите, па сè до денес.
Во текот на својата богата интернационална кариера, Миура стана и првиот јапонски фудбалер кој заиграл во италијанската Серија А, во дресот на Џенова 1994-та, во времето кога Панчев беше во Интер. Настапуваше и во Хрватска (Динамо Загреб), Австралија (Сиднеј) и Португалија (Оливеиренсе).
За репрезентацијата на Јапонија има 89 натпревари и 55 голови, со што и ден денес е вториот најдобар стрелец во историјата на националниот тим. Покрај новиот лигашки рекорд, тој летово постигна и погодок во рамките на јапонскиот Царски куп на 59-годишна возраст, со што стана и најстариот стрелец во историјата на ова натпреварување.

Која е тајната на неговата долговечност?
Миура е познат по својата екстремна дисциплина и ригорозен режим на исхрана и тренинг. Секое утро станува во 5 часот, следи строга диета богата со протеини и зеленчук со минимален внес на масти, а по секој тренинг практикува ледени бањи за регенерација.
Во февруари ќе наполни 60 години, но очигледно нема абер да ги закачи копачките на клин. Како што самиот често вели, неговата цел е да игра фудбал сè додека телото му дозволува, докажувајќи дека страста кон играта не познава години.

Што се случувало кога тој дебитирал?
Кога Миура го одиграл својот прв професионален меч за Сантос во 1986 година, во светот сè уште постоеле СССР и СФР Југославија, а Берлинскиот ѕид сè уште ја делел Германија.
Истата година, Диего Марадона го даде голот со легендарната „Божја рака“ на Светското првенство во Мексико, а Сер Алекс Фергусон тукушто го презеде Манчестер Јунајтед.

Неговите врсници се во пензија или се тренери
Миура е роден во февруари 1967 година, генерација со имиња како Роберто Баџо, Пол Гаскоњ и Јирген Клоп. Сите тие одамна ги завршија играчките кариери.
Тој е значително постар од речиси сите денешни врвни тренери во светот, вклучувајќи ги Пеп Гвардиола 1971), Зинедин Зидан (1972) и Чаби Алонсо (1981).

Игра со и против децата на своите некогашни ривали
Голем дел од денешните соиграчи и противници на Миура во јапонската лига се родени по 2005 година, период кога тој веќе имал речиси 40 години и 20 години професионален стаж зад себе.
Кога Миура играл во Серија А во 1994 година, родителите на некои од неговите денешни соиграчи сè уште биле во основно училиште.
Миура ја започнал кариерата во ера кога немало мобили телефони, социјални мрежи, ВАР технологија, па дури ни правило за враќање топка до голманот со нога (воведено во 1992 година).