Популарниот ќелавко кој е прв човек на судиската комисија на УЕФА, има нова едноставна и интересна идеја за тоа како да се израмнат силите кога еден фудбалер за момент излегува да му се укаже лекарска помош.
„Кога некој ќе направи прекршок при што повредениот играч за момент излегува од игра, на теренот гледаме 11 против 10, а тоа значи предност за едните. Мислам дека ќе биде правилно да се смени правилото со тоа што надвор ќе излезе и оној кој го прави фаулот, а потоа и двајцата истовремено да се вратат на терен“, изјави Колина.
Во интервју за магазинот на ФИФА, тој зборува и за други теми поврзани со неговата судиска кариера, како на пример следењето натпревари на видео касети на Мундијалот во Јапонија и Јужна Кореа, но и за заканите кон него.
„Во мое време за да бидеш судија беше доволно да ги знаеш правилата и да имаш кондиција, но јас размислував поинаку и ги анализирав екипите и фудбалерите на видео касети, затоа што добро е во подготовките да се направи и психолошка анализа. Мојата најголема маана беше тоа што тешко ми беше да си ги признаам грешките. Во кариерата имав и разни закани и морам да кажам дека не беше воопшто пријатно кога од дома излегував со обезбедување“, вели поранешниот познат судија од Вијареџо.