Кој каде потпиша од македонските репрезентативци и кои играчи се без договор?

Бурно беше во последните денови од летниот преоден рок. Некои од избраниците на Милевски завршија голема работа, но за други сè уште трае неизвесноста во пресрет на репрезентативните обврски.

БОЈАН МИОВСКИ

Голема причина за насмевки на стартот од новата сезона има Бојан Миовски. Штипјанецот кој во 2016-та ја почна кариерата во Брегалница, потпиша 4 годишен договор со Глазгов Ренџерс.

Се работи за брендот на шкотскиот фудбал и рекордер со 55 првенствени титули, како и 34 Купови, 28 Лига Купови и тројна круна во седум наврати.

Македонскиот центарфор направи голем трансфер после неуспешната сезона во Жирона од каде замина со 18 настапи и 2 гола. Има драгоцено искуство во шкотскиот фудбал од двете сезони во дресот на Абердин, каде постигна 44 гола и одигра 98 натпревари.

Миовски потпиша во саботата, а веќе следниот ден беше стартер на големото дерби против Селтик кое заврши без голови. По 4 кола, Ренџерс има 4 нерешени, а Селтик и Хартс се на врвот од табелата со по 10.

ЕЛИФ ЕЛМАС

Свој на своето е и Елиф Елмас на кој очигледно повеќе му лежи Серија А од Бундеслигата. Тој се проба во Лајпциг, но не успеа, а имаше и слаба минутажа.

Му светнаа очите кога на полусезона доби шанса да игра како позајмен играч во Торино и веднаш почна да реди голови.

Елмас направи кам бек во силниот Наполи, овој пат бранител на титулата под водство на Антонио Конте. Замина на позајмица со право на откуп.

Спомените му се: 189 настапи, 19 гола, Скудето и Куп на Италија. Амбициите и во новата сезона сигурно ќе бидат освојување на трофеј.

ДАРКО ЧУРЛИНОВ

Трансфер во 5 до 12 направи и Дарко Чурлинов, но за разлика од Миовски и Елмас, тој не замина во некоја елитна дестинација.

Чурлинов потпиша двегодишен договор со Кочаелиспор, негов четврти клуб во последните четири години.

Македонскиот репрезентативец се раздели со Барнли, кој го праќаше на позајмици во Шалке и Јагелонија, каде добро се снајде и постигна 5 гола.

По првите 4 кола во турското првенство, Кочаелиспор нема победа.

Од останатите репрезентативци, сè уште е непозната иднината на Столе Димитриевски, кој ја преседе скоро цела сезона на клупата на Валенсија.

Слободни агенти се Александар Трајковски и Давид Тошевски.

2 септември 2025 - 15:26