Од колумбиската фудбалска икона неодамна излезе документарец на Нетлифкс кој не се пропушта. Трае нешто помалку од 2 часа, иако во него лежи материјал за повеќе епизоди.
Пази, не е ова приказна за Кире Трајчев од Силекс, туку за ретко видена голманска легенда, уникатен лик кој царуваше 24 години на гол.
Беше активен во периодот 1985-2009 во 12 клубови, често одеше и во контра напади, дриблаше, даваше голови од пенали, но и од слободни удари. Од тука и прекарот „Ел Локо“.
Почетокот на кариерата на Игита се случува за време на последните години од владеењето со дрога во светот на Пабло Ескобар, за кој отворено кажува дека му бил пријател и го посетил во затвор.
Едно од најмрачните времиња за земјата, кога невини луѓе секојдневно гинеле во војната, која Ескобар ја водел против државата за да остане на врвот како наркобос.
Рене Игита со успесите на Атлетико Национал од Меделин, во кој се мешал Ескобар, а потоа и со селекцијата на Колумбија, бил сметан за спортски херој.
Зборуваме за време во кое Атлетико во 1989-та за прв пат во историјата станал првак на Јужна Америка, а следната година Колумбија чиј костур на екипата бил токму од овој клуб и донел огромна радост на нацијата со пласманот на Мундијалот 1990 и тоа по пауза од 28 години.
Колумбија која тогаш имала страшен тим кој покрај Игита, го имала легендарниот капитен Карлос Валдерама, стоперот Андрес Ескобар, а подоцна во напад и Фаустино Асприља кој играше во Парма. Тим за почит од кои губеле дури и Аргентина и Бразил.
Еден ден, Рене Игита имал неочекуван повик за состанок од претседателот на Атлетико Национал, кој барал од него да помогне во ослободувањето на 13 годишно девојче, ќерка на навивач на Атлетико која била киднапирана на 30 април 1993 или седум месеци пред смртта на Пабло Ескобар.
Игита бил многу сакан и почитуван од сите, до толку што се верувало дека може да помогне како посредник кај бандата која за возврат барала пари.
Го спремиле со актовка полна со пари, која им ја однел на криминалците, кои еден месец го држеле девојчето на тајно место во Меделин и така успеал да ја ослободи.
За возврат, семејството на девојчето го наградиле легендарниот голман со 50.000 долари, пари кој едвај го убедиле да ги земе.
Во документарецот, со сокриен лик односно снимен во лице до пола, се појавува и девојката, која вели дека во изминативе 30 години на никој до сега не раскажала ништо во врска со грабнувањето.
Но за Рене и целата колумбиска јавност, следувал шок. Херојството го платил со робија. Го уапсиле, сосема неочекувано и многу помпезно, без да објаснат зошто. Појма немале за што се работи ниту медиумите и првично објавиле за киднапирање на девојчето кое патем тој го спави.
„Пратија за мене два хеликоптери за да ме однесат во Богота, а таму ме чекаа 20 возила. На вести кажаа дека јас сум бил киднаперот. Известувањето беше поголемо, отколку за најлошиот наркобос во Колумбија“, вели Игита.
Голготата во затвор му траела 9 месеци, каде го малтретирале и барале да им каже каде се крие Ескобар. За возврат му нуделе слобода.
Го ослободиле два месеци по смртта на Пабло, а долгата пауза од фудбалските терени била причина да не биде повикан на следното Светско во САД 1994.
Нетфликс објави снимки од Игита како игра фудбал во затвор и како ја гледа последната квалификациска на Колумбија. Играле на гости против Аргентина и ослабени без него биле убедени дека ќе загубат. Со се вратиле дома со триумф од 0:5 и нов пласман на Светско, трет по оние во 1962 и 1990.