Јулијан Драклсер - новиот симбол на германскиот напад

Кога ми се јавија од репрезентацијата бев на час

Младите ведети на германската репрезентација, Јулијан Дракслер и Јонас Хектор играат одлично Европско првенство, иако до пред неколку лета не помислувале дека може да го носат дресот на Мајншафт.

Меѓу германските навивачи околу стадионот „Пјер Моруа“ во Лил синоќа имало многу луѓе кои носеле дрес од левиот бек на Келн (а скоро можеби на Ливерпул), Јонас Хектор. До 20 години, Хектор играл во петтата германска аматерска лига во тимот на своето родно место Ауерзмахер кое има 2.800 жители.
Кога имал можност да заигра за познатиот Сарбрикен, тој одбил затоа што не сакал да ги напушти домот и родителите. „Уживав преку викенд да играм со другарите. Никогаш не помислував дека еден ден ќе играм во Бундеслигата“.
На 20 години решил да ја прифати понудата на резервниот Б тим на Келн кој играл во четвртата германска дивизија. Таму заиграл како полушпиц, потоа и како лево крило а на 22 години веќе станал стандарден лев бек. Во Бундеслигата. Јонас Хектор дебитирал на 24 години во дресот на Келн, а наскоро во репрезентацијата го заменил и Филип Лам.
 
Во 2015. година, Хектор за Германија одигра 754 минути, многу повеќе од Милер, Озил и Ноер. Германија синоќа против Словачка играше агресивно и отворено. Првата шанса Панцерите ја имаа со шутот на Кедира со глава кој Козачик го одбрани, но наскоро Џером Боатенг со волеј од надвор го заби првиот гол за репрезентацијата на неговиот 63-ти настап.

Германците наскоро водеа и со 2:0 (иако Озил промаши пенал, негов втор промашен од последните три изведени). Посебно беше расположен Јулијан Дракслер кој леташе од една страна на друга, се впушташе во дриблинг (неговата финта можеби е најубав потег на ЕП после голот на Шаќири).

На истекот од првиот дел Дракслер одлично го изработи Словакот Куцка и „на тацна" му намести гол на Марио Гомез кој досега има 5 гола на Европското со што се израмни со Јирген Клисман. На средината од второто полувреме, Дракслер и самиот постигна ефектен гол (неговиот последен за репрезентацијата беше пред три години) и со право беше избран за играч на мечот.

Дебито за Германија Дракслер го имаше на 26. мај 2012 година на мечот против Швајцарија кога влезе место Лукас Подолски во 62. минута. Пред две години стана најмладиот капитен во историјата на Мајншафт кога ја носеше капитенската лента на пријателската против Полска. Истата година го поврзуваа со трансфер во Јувентус, но тој признал дека не е спремен да ја напушта Германија и за 36 милиони евра премина во Волфсбург. Тогаш ги налути навивачите на Шалке, тим за кој Јулијан играл од своите осум години.

Во 2011 година после потписот на првиот професионален договор со Шалке, Дракслер од тогашниот тренер на клубот Феликс Магат бил советуван да го напушти школото и да се фокусира на фудбал: „Ако останеш во школо, нема да можеш да доаѓаш на сите тренинзи", му рекол Магат.

Во школо одел од 7 до 12, со младинците на Шалке, Дракслер тренирал во 18:00 а тренинзите на сениорите почнувале во 10 наутро. 17 годишниот Дракслер тогаш одбил да го напушти школото, но се префрлил во гимназијата која е близу стадионот на Шалке така што продолжил да комбинира тренинзи, натпревари и часови.

„Кога ме викнаа од репрезентацијата пред ЕП 2012 бев на час, седев во клупа. Не можев да поверувам, иако најпрвин спуштив затоа што бев на час. Дома веќе ми беше спакуван куферот за одмор во Њујорк, но повикот на Јоаким Лев ми ги смени плановите", изјавил тогаш Дракслер во интервјуто за Tagesspiegel.

Напредокот на Јулијан Дракслер бил бавен, затоа што тој поради повреди во претходните две сезони пропуштил 37 натпревари за Шалке. Сезоната во дресот на Волфсбург беше сложена затоа што наместо борба со Баерн при врвот, тимот заврши како осми. И покрај тоа Јулијан почнал да игра со ист ентузијазам како пред четири години кога бегал од часови за тренинг.

Селекторот Јоаким Лев е познат по тоа што ги преобразува своите играчи од бледи клупски фудбалери до ѕвезди во репрезентацијата. Пред две години така беше со Лукас Подолски, а сега Подолски има свој наследник во нападот на Германија.