Ќе го внесе ли Биг Семи, Брајтон во Премиер лигата?

Конечно најдовме фаворит во кладилница. Нема да спасуваме никој до мај следната година, ама ќе го носиме Брајтон во елитната англиска лига кој ќе го води поранешениот славен фудбалер на Ливерпул.

Некогашниот столб на „Црвените“, Семи Хипија ќе се обиде строгоста од играчките денови со која командуваше во одбраната, да ја пренесе во англискиот второлигаш Брајтон ен Хов Албион.

Откако ја заврши богатата 10 годишна авантура на „Енфилд Роуд“ зачинета со успеси, високиот Финец кариерата ја доврши во Баер Леверкузен.

Дека ќе му биде удобно во кошула крај теренот, покажа во бундеслигашот на чија клупа 40 – годишниот Биг Семи седеше две години, а успеа да го однесе клубот и во Лигата на шампионите.

Хипија од Леверкузен замина по несогласувањата со управата, која реши за 18 милиони евра да го продаде германскиот репрезентативец Ширле во Челси, иако Финецот беше против тој трансфер.

Оние кои тесно соработувале со него во Германија велат дека Финецот е тренер кој не сака да губи ниту пријателски натпревари, а авторитетот од играчката кариера строго го применува и како тренер.

Управата на Брајтон предводена од претседателот на Тони Блум, директорот на клубот Пол Барбер и Дејвид Бирк одговорен за спортскиот сектор, имале необичен пристап во изборот на нов тренер, по заминувањето на дотогашниот прв стратег Оскар Гарсија во април.

„Нема никаков проблем во однос на трансфер политиката. Хипија има целосна слобода во изборот на играчи. Самиот ќе бира кој ќе дојде, а кој ќе замине од екипата“ – изјавил Барбер.

Тие решиле да се распрашаат за тренерските способности на Хипија кај многу играчи и фудбалски работници, кои играле и соработувале со него.

Голем дел од нив имале само пофални зборови, потенцирајќи како понекогаш знаел да биде и престрог, па тоа било доволно за управата на Брајтон да го ангажира човекот кого Жерар Улије во 1999. година го донесе на Енфилд како млад играч.

Во изминатите две сезони, Брајтон имаше неуспешни обиди преку плејофот да влезе во Премиер лигата, цел која Хипија ќе се обиде да ја оствари.

Стадионот на „галебите“, како што ги викаат фудбалерите на Брајтон има капацитет од 30.500 седишта и буџет од 8 милиони фунти за трансфер на нови играчи.

7 август 2014 - 15:43