Со скоро 6.500 случаи, Бергамо е најзаразен град од коронавирусот и во најпогодениот регионот Ломбардија каде има 29.000 заразени, но и општо во цела земја која брои речиси 64.000. Оваа бројка е многу голема, ако се знае дека зборуваме за градче од само 120.000 жители.
Овие денови топ тема меѓу италијанските епидемиолози е токму осминафиналето од ЛШ меѓу Аталанта и Валенсија, кое го сметаат за голем извор за ширење на вирусот. Се одигра на 19 февруари во Милано, бидејќи стадионот во Бергамо не ги исполнува условите за меч во рамките на УЕФА.
Но околу 45.000 навивачи од Бергамо отпатуваа во Милано за да ги следат своите херои кои уште во дебитантската сезона во ЛШ се изборија за осмина, а потоа и за четврт финале. Потоа следуваше лудо славје и екстремно мешање меѓу нив со бацување и гушкање.
Самото нивно огромно присуство на трибините, а потоа и на улиците, плоштадите и јавниот превоз, меѓу здравствената фела во Италија се смета за темпирана бомба на вирусот. Плус да не се заборави дека во Италија допатуваат 2.500 гостински навивачи.
На истата тема се надоврза и капитенот на Аталанта, Папу Гомез.
„Страшно е тоа што го одигравме тој меч. Но во тоа време немаше многу случаи и никој не знаеше што прави тој вирус. Не знаевме добро за сериозноста и заразата“, вели Гомез
Но проблемот е што овие две екипи го одиграа и реваншот на 10 март во Шпанија, без публика, но сепак тоа не било гаранција за самите играчи, стручниот штаб и сите оние кои беа дел од организацијата на мечот.
„Мислам дека ситуацијата се должи на првиот меч против Валенсија кога на Сан Сиро имаше 45.000 навивачи кои допатуваа од Бергамо кој брои 120.000 жители. Жена ми патуваше три часа до Милано за каде обично се потребни 40 минути.
Потоа пак кога заминавме во Валенсија на реваншот, сите беа релаксирани и немаше контроли. Сега Шпанија е втора најзаразена земја во Европа. Еден од нивните заразени играчи беше стартер и сега чекаме да видиме дали и некој од нашиот тим има симптоми. За сега, за среќа нема никој“.
Но затоа 35% од играчите и стручниот штаб на Валенсија закачија Ковид 19, а исто и еден шпански новинар кој го следел мечот.
Фудбалерите и навивачите на Аталанта беа во транс што успеаа да влезат во друштво на најдобрите 8 во Европа и да испишат нова историја за клубот, но месец дена подоцна среќата во нивниот град се претвори во кошмар.
„Ситуацијата во Бергамо е драматична, има многу заразени на дневна основа и карантинот е многу почитуван. Ме погодува тоа што и иако речиси и да нема луѓе по улици, сепак сè уште има многу нови случаи во цела Италија. Болниците се полни и нема место за сите. Секој ден гледам вести и тие се лоши. Се слушам на телефон со заразените Дибала и Пецела кои ми велат дека се добро“, завршува Гомез.