Газета дело Спорт на 27 април излезе со статија насловена како:
„Алегри бесен против Интер во подтрибинскиот простор: Срање сте. И онака ќе завршите шести“.
Што и воопшто не треба да чуди со оглед на неговите чести нервозни реакции против судии, играчи, публика...
Тоа беше меч од полуфиналето во Купот на Италија на кое Интер го обезбеди првото финале сезонава по што синоќа стигна и второто.
Само врвни експерти за фудбал кои ги следат италијанските екипи можат да ја објаснат импресивната пресвртница на Интер во финишот на сезоната.
Кога многу екипи при крајот знаат да паднат физички, тие се кренаа и ја извадија сезоната на феноменален начин.
По грубото обраќање на стратегот на Јувентус кон нероаѕурите, тие покрај што го елиминираа Јуве во Купот, на колена ги легнаа и следниве екипи: Лацио, Рома, два пати Милан и обезбедија финалиња во Купот на Италија и Лига на шампиони.
Од 10 март до 23 април Интер на 9 меча оствари само една победа, 4 нерешени и 4 порази. Беше практично „мртов“ тим на кој му се закануваше ужасна сезона.
Но од тој 23 април одигра 8 меча на кој ги оствари следниве резултати со гол разлика 22:4:
Емполи - Интер 0:3
Интер - Јувентус 1:0
Интер - Лацио 3:1
Верона - Интер 0:6
Рома - Интер 0:2
Милан - Интер 0:2
Интер - Сасуоло 4:2
Интер - Милан 1:0
Интер до крај треба да одигра пет натпревари, на кои е во игра за два трофеи и пласман во топ 4 во Серија А.
Во првенство се среќава со Наполи, Аталанта и Торино, финалето од Купот на Италија против Фиорентина им е на 24 мај и на крај им преостанува спектаклот во Истанбул закажан за 10 јуни против Манчестер Сити или Реал Мадрид.