Младинското Евро У-21 е врвен турнир кој ја претскажува иднината. Примери за тоа има многу, а најверни се оние на Италија и Германија Италијанците во 1996-та година го освоија Европското У-21 со Канаваро, Тоти и Буфон, во 2000-та со Перота, Пирло и Гатузо, во 2004-та со Де Роси, Барѕаљи и Џилардино.
Сите овие фудбалери во 2006-та станаа светски шампиони откако го освоија Мундијалот во Германија.
Германците, пак, блеснаа на Евро У-21 во 2009 година: тогаш во репрезентацијата беа Нојер, Озил, Хумелс, Боатенг, Хеведес, Кедира и други идни Светски прваци од 2014 во Бразил.
Годинава Европското се играше во Италија и Сан Марино. Италијанците не поминаа групна фаза иако имаа две победи и во составот броеа многу ѕвезди: Киеза, Мојзе Кин, Барела, Ѕаниоло - сите веќе играат за сениорската репрезентација кај Манчини во квалификациите за Европско 2020.
А Европското У21 го освои Шпанија - трет пат во 10 години. Интересно, пред две години финалето беше исто: Шпанија - Германија. Во составите имаше дури 5 фудбалери кои го играа и тоа претходно финале: Хесус Ваљехо, Дани Себаљос и Борха Мајорал кај Шпанија и Надим Амири и Левин Озтунали за Германија.
Пред две години единствениот гол на мечот го даде Мичел Вајзер и Германија стана првак, а сега Шпанците им одговорија и славеа со 2-1: стрелци беа Фабиан Руиз и Дани Олмо за Шпанија, а Надим Амири во 88’ минута за Германија.
Голем дел од лидерите на Шпанија У21 веќе играат за големи клубови. Во одбрана е капитенот Хесус Ваљехо кој периодично игра во Реал Мадрид, лев бек е Хуниор Фирпо кој воодушеви во дресот на Бетис а го бараат Барса и Ливерпул.
Во среден ред е Дани Себаљос кој минатото Европско У21 беше прогласен за најдобар играч. Многумина сметаат дека и овојпат беше најдобар.
🇪🇸 Dani Ceballos = most skilful player at #U21EURO❓ #TBT | @DaniCeballos46 | @SeFutbol pic.twitter.com/7xussmp4U5
— UEFA U21 EURO (@UEFAUnder21) June 27, 2019
За младинската репрезентација на Шпанија играат уште и Марк Рока од Еспањол, за кого Баерн Минхен е спремен да плати 40 милиони евра, Пабло Фроналд кој беше лидер на Виљареал сезонава, па летово потпиша со Вест Хем, Фабиан Руиз кој играше фантастично во Наполи и го замени Марек Хамшик, Бељерин - стандардниот десен бек на Арсенал итн.
Токму Руиз беше прогласен за играч на првенството.
Пред неколку месеци, газдата на Наполи Аурелио Де Лаурентис рекол дека го продаваат капитенот Марек Хамшик во Кина, затоа што му нашле идеална замена во Руиз од Бетис:
„Сакав Анчелоти да ги види добро сите играчи во тимот, затоа не му дадов на Марек да замине минатото лето. А потоа дојде Фабиан од Бетис. А Марек не е луд, знае дека во среден ред има само 2 места и едното е предвидено за Руиз“.
Самиот Фабиан вели дека идол му е Чави: „Тој беше срцето на големата Барселона и репрезентацијата на Шпанија. Мечтаам да одам по неговите стапки“.
Но Руиз за разлика од Чави е висок 189 см, нема толку добар пас како магионичарот (прецизноста на Фабиан во Серија А е 89%), но има страшен шут од далечина. Руиз може да игра на крило зошто е технички спремен и брз.
🇪🇸 Fabián Ruiz wins Skill of the Day! 👌@HisenseSports | #U21EURO | @SeFutbol pic.twitter.com/vbPXjjaghX
— UEFA U21 EURO (@UEFAUnder21) June 30, 2019
На штотуку завршеното Европско У21, Руиз имаше:
2 гола
2 асистенции
3,5 шута во просек по натпревар
1,3 освоени топки
Точен пас - 88,9%
2,8% добиени дуели
Во јуни годинава Фабиан Руиз дебитираше и за сениорска Шпанија: влезе во последните 16 минути од мечот со Фарски Острови, а после одигра цел меч против Шведска и му намести асистенција за гол на Микел Ојарзабал.
Ојарзабал е исто млад фудбалер а веќе капитен на Реал Сосиедад. Но најдобар стрелец на екипата е бисерот на Динамо Загреб Дани Олмо. Необично, првпат во историјата на младинската репрезентација на Шпанија немало ниту еден играч на Барселона.
Најдобар стрелец на Европското У21 е Германецот Лука Валдшмидт од Фрајбург. Тој постигна 7 гола што е рекорд на Европското У21 (толку во 2009 даде и Маркус Берг за Шведска).
Шпанија сега се израмни со Италија по бројот на титули на Евро У21 - по 5 пехари. Пред 19 години младиот Андреа Пирло гордо се шеташе со пехарот за У21 во Братислава, а синоќа му го врачи на Хесус Ваљехо.