По гостувањето во Торино, кога се вратиле во Неапол, Белгиецот му се јавил на еден од своите најдобри другари и му рекол: „Дојди со мене да им однесеме храна на бездомниците, сигурни се прегладнети“.
По неколку години во градот, миленикот на Неапол првпат се упатил кон скитниците кои живеат на централната железничка станица. А таму, велат Неаполците, ни преку ден не се проаѓа колку е ризично.
Со зимско капче на глава и шал кој му ги покривал очите, без да се грижи дали во некој момент некој ќе го познае на улица, Дрис отишол во пицерија и купил еден куп пици Маргерита. Тоа било една од најстудените ноќи во градот кога улиците биле заковани со мраз.
Наместо да седи на топло, Мертенс решил да им подари радост на оние најнемоќните. Во најзаборавените места каде ниту волонтерите не одат, центарфорот на Неапол без да прави помпа, да се слика за Инстаграм и да прави селфи за Фејсбук јадел заедно со бездомниците.
Покрај тоа, Мертенс отишол и до детската клиника каде имало болни деца и донирал облека. Многу му се израдувала малата Аурора: „Сакав да ми биде маж и сега сме маж и жена“, рекло пресреќното девојче која го гледа својот идол секоја недела на телевизија.
Дрис и неговата сопруга Катрин важат за хумани луѓе, солидарни се со најранливите категории а дома често вдомувале и кучиња-скитници.
Мертенс не само што е најдобар стрелец на екипата и игра врвен фудбал, него го сметаат и за пример како треба човек да се однесува. Пред извесно време пратил лекови и за болните деца во Венецуела.
Колку е голем покажа и кога на својот профил на Инстаграм објави фотографија на National Geographic со едно детенце од школо во градот Мелианду во Гвинеја како носи дрес со бројот 14 на Мертенс. Дрис брзо се активирал да го најде фотографот (Петер Милер) кој помогнал да го најдат детенцето со дресот на Мертенс. Фотографијата била направена на час по француски јазик а Мертенс пратил многу свои дресови и маици за децата.
Ho cercato di aiutare per quello che potevo.Non era mia intenzione di far sapere tramite i social,ma visto che alcuni giornali hanno iniziato a scriverne,preferisco postare un video magari riesco a dare la voglia ad altri di farlo.Mi piacerebbe vedere anche voi farlo. pic.twitter.com/4827T3eCfi
— Dries Mertens (@dries_mertens14) March 2, 2018
Никогаш не брза во соблекувалната и секогаш одвојува време да подели автограми на дечињата. Еднаш некое мало дете плачело зошто Мертенс не дал гол а Дрис му рекол: „Не грижи се, следниот ќе ти го посветам тебе“. И го одржа ветувањето.
Против Рома на Олимпико постигна убав гол и го имитираше своето куче Џулиет на кого му ветил исто.