Продолжи англиското проклетство. Репрезентацијата на Англија по шести пат е елиминирана од едно големо натпреварување по изведување на пенали.
Англија и Италија одиграа одличен натпревар, а најава дека ќе гледаме интересен четвртфинален дуел имавме уште на самиот старт.
Уште во третата минута Де Роси биеше од 25 метри, но неговиот шут од волеј удар заврши во стативата.
Само две минути подоцна Буфон одлично реагираше и го одбрани својот гол по ударот на Џонсон од мала далечина.
Англија имаше уште една шанса преку Руни во 14-та минута, по што следеа Италија ја презеде иницијативата. Балотели имаше три шанси, а Италијанците упатија 12 удари кон голот, но мрежите мируваа до крајот на првото полувреме.
По три минути во второто полувреме Де Роси имаше огромна шанса да го открие резултатот, но неговиот шут заврши крај десната статива.
Во 53-та минута Италија креираше три шанси за само неколку секунди. Харт интервенираше по одличниот шут од далечина на Де Роси, а топката дојде до Балотели, но следеше нова интервенција на неговиот клупски колега, а потоа Монтоливо биеше преку голот.
По еден час игра Рој Хоџсон во игр ги внесе Волкот и Керол по што Англија се ослободи од притисокот, во продолжението од натпреварот падна темпото на игра по што изостанаа и шансите.
На една минута до крајот Ночерино можеше да го реши натпреварот откако Маркизио одлично го пронајде, но Џонсон успеа да го изблокира неговиот обид по што регуларниот дел од натпреварот заврши без голови.
Во првото продолжение Дијаманти сакајќи да центрира од десната страна ја погоди стативата, а во второто продолжение судиите оправдано го поништија погодокот на Ночерино заради офсајд.
Гол не беше постигнат ниту по 120 минути игра, па последниот полуфиналист мораше да биде одлучен по изведувањето на пенали.
За Италија погодија Балотели, Пирло, Ночерино, а промаши Монтоливо во втората серија, додека за Англија успешни беа Џерард, Руни, а Јанг ја погоди пречката во третата серија. Буфон го одбрани ударот на Кол во четвртата серија, а победничкиот пенал за Италија го постигна Дијаманти.
Во полуфиналето Италија се среќава со Германија на 28. јуни, а ден претходно ќе играат Португалија и Шпанија.