Ако на 2 јуни минатата година бевте на стадион да ја гледате пријателската меѓу Македонија и Иран, која заврши 1:3, за сите три гола сте пцуеле еден ист играч. Се работи за Сердар Азмун, член на Рубин Казан.
Фудбалската федерација на Иран синоќа на својот Инстаграм профил објави дека 22 годишниот напаѓач деновиве ќе стане најскапиот ирански фудбалски во историјата, откако Лацио и официјално ја прифатил понудата на рускиот клуб од 18 милиони евра.
Лацио за големиот талент кој го следат најголемите екипи од Европа понуди 15 милиони евра, Казан побара 20, но според најновите информации, двата клуба се нашле некаде на средина.
Азмун минатата сезона постигна 12 гола и три асистенции за Ростов, каде играше како позајмен играч од Рубин Казан, но имаше и проблеми со суспензија поради недоразбирање на двете руски екипи во преговорите.
Иранецот не е непознат фудбалер во Европа. Уште кога имаше 19 години, Рубин Казан за него доби понуда од Арсенал во период кога следеа и Барселона, Јувентус, Милан, Ливерпул и Тотенхем.
Минатата сезона заедно со Ростов дебитираше во Лигата на шампионите и блесна со 4 гола со што првиот ирански стрелец во најелитното клупско европско натпреварување по пауза од 11 години.
Прво стрелаше против Андерллехт во 3. квалификациско коло, па против Ајакс во плејофот, а уште два пати погоди во групната фаза. Ја начна мрежата на Атлетико Мадрид, а потоа и на Баерн Минхен, кога бундеслигашот беше изненаден со пораз од 3:2.
Одличните настапи во Лигата на шампионите ги кренаа на нозе Ливерпул, Арсенал, Борусија Дортмунд, Баер Леверкузен и Марсеј кои пројавија интерес за него.
Азмун има изјавено дека е навивач на Реал Мадрид, а по три и пол годишното искуство во Рубин Казан и Ростов, се очекува во новата сезона своите квалитети да ги покаже во Серија А.
Во Лацио тој ќе биде четврто засилување и ќе има задача во нападот да го замени Филип Ѓорѓевиќ. Претходно во Рим пристигнаа бекот Адам Марушиќ од Остенде, Лукас Лиева од Ливерпул и Давиде ди Џенаро од Каљари.
Неговиот хет-трик против Македонија