Мирослав Тањга распука по Драган Стајковиќ Пикси откако во вторникот беше отпуштен од позицијата директор на спортскиот сектор во Фудбалскиот сојуз на Србија.
Го откри вистинското лице на некогашниот фудбалски ас, во кој очигледна беше ароганцијата, поради која била растурена атмосферата во соблекувална.
„За да го заштитам мојот личен и професионален интегритет, како и интегритетот на ФСС или барем она што остана од него, принуден сум да реагирам и да ја потсетам јавноста дека резултатот постигнат во Германија беше катастрофален за нас. Зборував за ова јавно пред надлежните органи на ФСС и медиумите, бидејќи тоа е непобитна вистина, која беше сфатена како мој грев“, стои во воведот на писмото на Тањга, кое го пренесе „Спортклуб“.
„Тој неуспех не може да се одбрани со уцени, туку со преземање лична одговорност, без разлика на големината на договорите на селекторот и директорите. Суетата, недоличноста и недоволната самокритика на преплатените „стручњаци“ доведе до тоа нашата најдобра селекција за кратко време да се преполови. Играчите беа и остануваат жртви на неговата неспособност и ароганција“.
Тањга во продолжение се осврна уште подиректно за Пикси.
„За жал, најмалку се занимаваше со тренерска работа, со играчите и тактиките, а најмногу со кадарот во сојузот. Насекаде гледаше завера, ги избегнуваше сите што не размислуваат како него, а се опкружуваше со луѓе кои го нарекуваат `мистер` и кои го хранат неговото пренагласено его. Секогаш се виновни другите, сите освен него“.
Испрати порака и до раководството на сојузот.
„Разочаран сум од недостатокот на авторитет на претседателот и членовите на ИО да се спротивстават на самоволието и уцените на егоцентричниот и самобендисаниот селектор. Како некој што штотуку се врати во српскиот фудбал, се чувствувам изненаден од начинот на кој функционира сојузот во Србија, каде селекторот се однесува како претседател, а членовите на ИО како обични послушници. Очигледно е дека за лошите резултати во Германија сме виновни само јас и генералниот секретар. Ако таа одлука го спаси српскиот фудбал јас сум спремен да ја платам таа цена“.
На крајот заклучи:
„Дефинитивно имаме одлични играчи, но и катастрофално водење. Фудбалската јавност тоа добро го препознава, за разлика од професионалните кревачи на рака кои тоа не го знаат, не сакаат или не смеат да го видат. На репрезентацијата и посакувам многу среќа и успех во Лигата на нации“, заклучи Мирослав Тањга.
Србија вечерва го стартува новото издание во Лига на нации и тоа против европскиот првак Шпанија, но во Белград не дојдоа бројни стандардни репрезентативци како Влаховиќ, Митровиќ и Милинковиќ Савиќ.