Пласманот во плејофот за ЕП 2020 на Македонија и носи: 180 минутна битка до историја, автоматски пласман од лига Д во лига Ц во следното издание на Лига на Нации, но и пари.
Фудбалската федерација на Македонија ќе добие:
-750.000 евра само за учеството во Лига на Нации.
-750.000 евра за освојувањето на првото место во групата.
-1,1 милион евра за пласманот во Лигата Ц.
Вкупно на сметката на ФФМ од УЕФА ќе легнат 2,6 милиони евра. Го мине ли Македонија и последниот предизвик и се пласира на Европското првенство, тогаш најбогатата спортска федерација во Македонија ќе биде уште побогата.
УЕФА за пласман на ЕП 2020 на секој учесник му дава по 9,25 милиони евра.
Што се однесува до самите репрезентативци, ФФМ вети 350.000 евра премија, но ја смени својата одлука и денеска на својот веб сајт соопшти дека ќе им додели 500.000 евра.
Тоа значи дека ако се водиме по списокот на 21 играч повикан за последните два меча против Лихтенштајн, на секој играч би му следувал бонус од 23.800 евра.
Но да не ги заборавиме и членовите од стручниот штаб, што значи без 15-20.000 нема да биде никој. Како и да е, ова се рекордни премии за нашите репрезентативци кои во квалификации немаат видено вакви пари.
Вечерва преостанува да го дознаеме противникот со кој ќе играме во полуфинале на домашен терен, а тоа ќе биде Косово или Белорусија. Соседско дерби ќе има само ако Косоварите во 20:45 го совладаат Азербејџан.