Рајо Ваљекано игра во мадридското предградие Ваљекас, а годишниот буџет на клубот е околу 7 милиони евра или третина од годишната плата на Кристијано Роналдо, кој заработува 17 милиони евра за 12 месеци.
И покрај тоа, клубот решил да помогне во случајот поради кој на нозе станало целото предградие. На Кармен Мартинез Ајузо, 85-годишната жена пред извесно време ѝ бил одземен станот во кој живеела 50 години. Синот на Кармен го оставил станот под налог во една банка, но не можел да ја врати кредитната позајмица, по што властите решиле да им го одземат станот.
„Секако дека нè погоди целиот случај. Најлошо што може да му се случи на едно семејство е да остане без домот, особено ако таму живеело 50 години. Нема да седиме на страна и ќе помогнеме, не само јас, туку и целиот стручен штаб, играчите и управата. Ќе побараме некое место каде жената ќе може достојно да живее“, изјави Пако Хемез, тренерот на Рајо Ваљекано.
На последниот дуел против Селта Виго, Рајо Ваљекано славеше со 1:0, а домашните навивачите извадија парола на која пишуваше „Рајо против насилните иселувања“.