Со ремито против Конго, репрезентацијата на Мали избори пласман во четвртфиналето на Африканскиот Куп на Нации и барем малку ги израдуваа граѓаните на оваа земја каде пред неколку денови француската војска интервенираше против исламистичките екстремисти.
Минатата година капитенот Сејду Кеита беше вистински херој откако за време на АКН повика на примирје во неговата земја, а потоа го одведе Мали до историски успех освојувајќи ја бронзата, а оваа година тој повторно е предводникот на неговата репрезентација.
Фудбалерите на Мали во четвртфиналето ќе се сретнат со домашната репрезентација на Јужна Африка и евентуална победа може да доведе до проблеми со исплатата на бонусите, но капитенот Кеита не го дозволи тоа.
„Не можете да замислите колку сум среќен што сум тука и што играм на натпревари кои ќе донесат радост во мојата земја. Ова е бесценето. Парите не се важни во овој момент. Му реков на министерот за спорт дека ако се пласираме во полуфинале и ако има проблем, тогаш јас ќе ги платам бонусите", изјави Кеита кој има освоено 14 титули со Барселона, а минатата година прејде во кинескиот тим Далиан.