Актуелниот светски шампион Луис Хамилтон на легендарната патека Спа Франкоршамп ја оствари шестата победа во сезоната и 39 во кариерата.
Зад Британецот, со две секунди заостанување втор заврши Нико Розберг а третото место му припадна на возачот на Лотус, Роман Грожан. Во Арденската шума во Белгија, Хамилтон доминираше речиси од почеток до крај, затоа што за 44 кругови само еднаш не беше прв и тоа кога заминуваше во боксот. Веднаш по самиот почеток на трката Хамилтон им побегна на своите ривали и во негов стил дојде до првата победа на Спа од 2010. година.
Покрај Хамилтон, за одбележување е и фантастичниот настап на Грожан којшто возеше одлично иако стартуваше како деветти. До самиот крај, Грожан водеше голема борба со Себастијан Фетел од Ферари. Добра трка имаа и возачот на Ред Бул Данил Квјат и Серхио Перез во болидот на Форс Индија. Благодарение на денешниот триумф, Хамилтон ја зголеми својата предност во генералниот пласман после 11 трки на 28 бодови.
Патувачкиот циркуз на Ф1 продолжува со трката за ГН на Италија на легендарната патека Монца, на 6. септември.